Во февруари 2014 година, додека најпознатиот копенхашки ресторан Нома бил преполн со гости, шефот Реџепи им наредил на сите од кујната да излезат со него надвор на студ. Пред себе го водел помошникот-готвач, чиј грев било тоа што пуштал техно музика – жанрот што не му се допаѓал на Рене. Откако 40 луѓе во престилки го формирале „вообичаениот“ круг околу него. Реџепи го удрил вработениот во ребрата и врескал дека никој нема да се врати внатре сè додека готвачот не каже, доволно гласно за сите да го чујат, дека „сака орален секс со диџејот“. Кога кажал, сите се вратиле во кујната на работа.
Жена која била сведок на понижувањето, вели дека епизодата никогаш повеќе не била спомната во кујната. Молкот на персоналот бил вообичаен.
Одењето на работа беше како да одиме во војна. Моравме да се тераме да бидеме силни, да не покажуваме страв, раскажува „Алесија“ за Њујорк тајмс. Таа сега е готвачка во Лондон и користи псевдоним затоа што се плаши од одмазда.
Ова е само едно од низата сведоштва на десетици „жртви“ на незгодниот табиет на Реџепи. Џејсон Игнасио Вајт, поранешен раководител на лабораторијата за ферментација на Нома, во февруари почна да објавува сведоштва од жртви на физички и психички малтретирања на вработените. Обвинувањата биле прегледани повеќе од 14 милиони пати.
Њујорк тајмс независно разговарал со 35 луѓе што порано работеле за Реџепи. Тие потврдиле дека во периодот од 2009 до 2017 година тој ги удирал вработените по лице, ги боцкал со кујнски прибор и ги туркал во ѕид. Тие опишале трауми од заплашувања, телесни понижувања и јавни исмејувања. Реџепи се заканувал дека ќе го искористи своето влијание за да ги стави на црната листа од ресторани низ целиот свет, дека ќе им ги депортира семејствата или ќе им ги отпушти жените од работа во други бизниси.

Реџепи вели дека епизодите со малтретирања се далечно минато. Откако во документарецот од 2008 година „Нома на точка на вриење“ првпат беше фатен на камера како им вреска на готвачите, тој неколкупати јавно се извини. Во 2015 година призна дека бил „ѕвер“ кој ги турка и малтретира своите подредени. Во интервју од 2022 година изрази жалење за своето минато, но истакна дека „никогаш не удрил никого“, туку „случајно се удирал со луѓе“.
Иако не ги препознавам сите детали во овие приказни, можам да видам доволно од моето минато однесување што се рефлектира во нив за да разберам дека моите постапки биле штетни за луѓето што работеле со мене. Длабоко жалам за сите што страдале под моето водство, од мојата лоша проценка или мојот гнев, изјави сега Реџепи.
Тој додава дека пред години се откажал од водењето на секојдневната работа, бил подложен на терапија и „нашол подобри начини да го контролира својот гнев“. Но, и по 2017 година, кога Реџепи почнал повеќе да се контролира, културата на насилство во кујната ја одржувале постарите готвачи, со негово премолчено одобрување.
Рене одгледа генерација насилници, а тие нè малтретираа, изјавил Мехмет Чекирге, кој работел како практикант во Нома во 2018 година.
Визијата на Реџепи за „одржлива исхрана“ ѝ донесоа на Нома три Мишелин ѕвездички и пет титули „ресторан на годината“. Реџепи беше прогласен од кралицата за витез поради „трансформирање на Данска во кулинарска дестинација“, а во 2013 година Ентони Бордеин го нарече „без сомнение, највлијателниот, најпровокативниот и најважен готвач во светот“.

Во 2023 година, на врвот на својата слава, Реџепи објави дека ќе го затвори Нома за да посвети внимание на своите иновации: тест кујна, биотехнолошки соработки и глобалните „поп-ап“ ресторани, за кои богатите не жалат пари за да резервираат маса.
Нома, кој сега е „мобилен угостителски потфат“, од утре ги отвора портите на својот „поп-ап“ ресторан во Лос Анџелес, во кој до 26 јуни ќе одржи 16-неделна серија вечери. Пријавувањето резервации за менито од 1.500 долари беше отворено на 26 јануари.
******
Види и: И онака немаше да јадете во Нома
Рене Реџепи отвора бургерџилница
Што готвеше Реџепи во Мексико
Зошто Рене Реџепи не доби трета Мишелин ѕвезда?
Рене Реџепи ја затвора Нома