Индија, која од танкерите што поминуваа низ Ормускиот теснец добиваше речиси 85% од вкупната увезена нафта, се сврти назад кон својот голем добавувач Русија. Тоа ѝ го дозволи американскиот претседател Доналд Трамп, кој ѝ даде специјален исклучок од казнените царини за земјите што увезуваа руска нафта. Одредбата ја ограничува Индија да купува нафта во следните 30 дена, само од руски танкери што се на море.
За оваа нафта, сепак, нема да важи големиот попуст што Русија ѝ го даде на Индија, која ги искористи западните санкции за Москва за да ја спушти цената. Путин не заборава ни дека Индија под притисок од Доналд Трамп пред неколку месеци реши да го прекине увозот на руска нафта.
Сега, кога војната на САД и Израел против Иран предизвика глобални потреси, Кремљ бара од Њу Делхи да ја плати реалната пазарна цена на нафтата, по комерцијални, а не преференцијални услови.
Престанавте да ја купувате нашата нафта без да нè информирате... Сега одеднаш повторно ја сакате? Може. Ама сега е бизнис, а не пријателство, ѝ порача Путин на индиската влада.

Русија и Индија, кои се партнери во блокот БРИКС, имаа особено добри односи во последните неколку години. Путин и индискиот премиер Нарендра Моди во декември потпишаа нов договор за соработка „без ограничувања“. Набрзо потоа Моди го прекина, кога Трамп му се закани со дупла царина од 50% за индиски производи, ако Индија продолжи да купува руска нафта.
Моди истакнува дека ги следел националните интереси кога попуштил од притисокот од Трамп, но и дека Индија имала огромна корист од попустите до 20 долари за барел за увезена руска нафта.
Не само што попустот повеќе не важи, туку и нафтата нагло поскапе поради војната во Иран. Од 65 долари за барел на крајот на јануари, во понеделникот скокна на речиси 120 долари, пред да се стабилизира на близу 90 долари следниот ден.
Русија сега е еден од ретките големи производители на нафта што немаат директни последици од војната во Иран и нејзината транспортна мрежа е во состојба целосно да го избегне регионот. Типично извезува 5 милиони барели дневно, што е доволно за да се надомести една четвртина од 20-те милиони барели дневно што останаа блокирани во Заливот.
Путин најави дека Русија нема да има проблем ако Европа реши да го забрани увозот на течен природен гас. Москва на 6 март најави дека веќе преговара со „пријателски земји“ за да го пренасочи гасот кон Кина, Индија, Тајланд и Филипините. Три танкери со течен гас го прекинаа патувањето кон европски пристаништа и скршнаа кон Азија, кои понудија многу повисоки цени. И покрај заканите за санкции, ЕУ сè уште добива од Русија 13% од вкупниот увоз на течен природен гас.