Америка препишува од војната во Украина

Ако во Втората светска војна палење цигара во ров ноќно време беше речиси сигурна егзекуција од непријателски снајпер, на фронтот во Украина тоа е палење мобилен и врзување на ближната мобилна антена.

Од американските НТЦ и ЈРТЦ (Национален тренинг центар и Заеднички тренинг центар за подготвеност) објаснуваат дека тоа што моментално е најголем проблем со денешната војна е „транспарентноста на военото поле“ и дека сите мора да научат како да оперираат во тој контекст.

Маката е што на денешниот фронт немаш каде да се скриеш бидејќи „дронови, електронски надзор и сателити му дозволуваат на непријателот лесно да ги открива американските формации и комбинирањето на овие податоци со артилерија или проектили значи дека непријателот може да удри секаде и во секое време“.

Во едно од тренинг сценаријата на ЈРТЦ, непријателските сили, ОПФОР, учат како да летаат дронови што скенираат за блутут и вифи сигнал. Потоа истите тие сили можат да нарачаат сателитска снимка за да потврдат дали сигналот доаѓа од воена единица. Ако се работи за единствен сигнал во радиус од неколку километри, тогаш ОПФОР може брзо да заклучи дека се работи за армиска единица која треба да ја нападнат.

НТЦ има сценарио во кое ОПФОР користи комерцијално достапен софтвер кој преку апликациите на нечиј телефон може да ја идентификува нивната локација. Таму ОПФОР го користи и електромагнетниот потпис на воената опрема за да идентификува одредена армиска формација која потоа ја напаѓа со артилерија.

И двете организации во своите вежби често пати користат комерцијално достапни сателитски слики и дронови.

Резултат на ова е што армиските формации користат што е можно помалку комуникациска опрема, која гледаат целосно да е исклучена, или пак се трудат да се вклопат во околниот сообраќај за да не „штрчат“ во скенирањето.

Користењето на силни армиски антени со опишува како еквивалент на „ставање сијалица на стап и мавтање сред ноќ“.

Друга адаптација е свесноста околу дроновите, па војниците со обучуваат како да се кријат од дронови и како командните точки да ги прават лесни за поставување и вадење. Иако нема строги насоки, правилото што треба да се следи е „да можеш да се исчистиш од таму за 30 минути“. Тие препорачуваат војниците да се откажат од одредени лагодности, пример, кафе во командниот центар, за да можат побрзо да се евакуираат.

Во тренинг центрите се копира и масовното користење на артилерија од украинскиот фронт, на која отпаѓаат околу 40% од жртвите, и како да се евакуираат војници од воено поле каде рутите за евакуација можат брзо да бидат пресечени или колку долго една единица може да продолжи да се бори откако ќе има жртви.

Инструкторите го признаваат украинскиот подвиг за рововска битка против Русите.

„Тоа што го прават Украинците е многу, многу тешко. Тоа бара генерации обука и вежбање. И тоа ја потврди нашата посветеност на маневрирање со комбинирано оружје,“ објаснува бригадниот генерал Куртис Тејлор од НТЦ, зборувајќи за координараната истовремена употреба на различни родови.

2 октомври 2023 - 15:05