Ако Украина не го искористи неочекуваниот пенал од викендов и обидот за пуч не го претвори во шанса за разбивање на стагнацијата што периодов се случува на военото поле на истокот „тогаш ќе влеземе во многу поинакво поглавје од конфликтот“, предупредува професорот од Харвард, Грем Алисон, во текстот за Пост.
Почетокот на војната во Украина го обележа освојување на повеќе од 2000 километри квадратни од страна на руската армија. Во втората фаза од војната, Украина тргна во контранапад и враќаше стотици квадратни километри неделно.
По ова следуваше третата фаза од војната, почната во ноември 2022, во која без разлика на неброените жртви на двете страни, ниту една армија не успеа да има напредок од 100 квадратни милји неделно. И така е веќе 8 месеци.
До сега украинските јуришници успеваат да вратат по околу 50 квадратни милји неделно (130 км2).
„За работите да бидат појасни: денес Русија контролира околу 17% од територијата што порано беше на Украина. Ако украинските сили во следните недели не се поефикасни од тоа што беа до сега, Украина нема да може да ја врати својата територија ни во следните 16 години,“ објаснува Алисон.
Тој потсетува на изјавата на американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, според кого „Американците кои ја обучуваа и опремуваа украинската армија за оваа операција се надеваа дека до сега ќе видат 'убедлив успех'.“
„Зошто Украина не беше поефикасна останува нејасно. Ниту пак некој до сега објасни зошто Украина толку долго чекаше да го почне својот напад,“ пишува Алисон.
Професорот се надева дека викенд обидот за пуч можеби ќе ги обесхрабри руските војници на фронтовските линии, кои по бунтот на Пригожин може да се помалку волни да го ризикуваат својот живот за Русија и Путин.
„Од друга страна, ако украинските сили во текот на летото останат заглавени, треба да очекуваме политичката димензија да ги одлучи настаните. Голем број од европските поддржувачи на Украина, па дури и САД ќе се приклучат кон хорот на глобалниот југ повикувајќи ги двете страни да престанат со убивањето и да се посветат на сериозни преговори за прекин на огнот.
Ако тие постигнат договор, па дури и де-факто прекин на огнот, може да се очекува сите страни да прогласат 'победа' за тоа што го постигнале до тогаш и се да направат што е можно подобро да ја продадат својата приказна на избирачите. Ако ова се случи, светот ќе го прослави крајот на борбите и ќе го нарече 'мир',“ смета Алисон.
Тој потсетува дека ваквиот развој би наликувал на она што се случуваше во Украина од 2016 до 2022 откако беше потпишано примирјето во 2014. Во овие шест години имаше серија на примирја и преговори, додека завојуваните страни и понатаму беа на фронтот водејќи „конфликт со низок интензитет“. Во тој период неделно помалку луѓе гинеа на фронтот отколку што Американци беа убиени од своите сограѓани во Чикаго.
Ваквото примирје нема да значи крај на војната. Ниту пак Путин ќе се откаже од амбициите да ја контролира Украина, како што Украина нема да се откаже од намерата да ги врати своите територии. Но повеќегодишна пауза би има дала шанса на двете страни одново да ги изградат своите општества и војска, за иднината.
„Ако Зеленски и неговите колеги можат да бидат успешни во обнова на својата држава како што беа во спротивставувањето на Русија, тогаш Украина би можела да биде Западна Германија или Јужна Кореја на 21-от век,“ порачува Алисон.