Акциска понуда на ЕУ: 2.000 евра за секој мигрант што ќе си замине од Грција

Понудата на ЕУ важи за мигрантите сместени на грчките острови, и важи само еднаш, а за да се квалификуваш треба да си ги спакуваш работите од бегалските кампови и да го фатиш патот назад од каде и да си дошол.

ЕУ и до сега имаше вакви понуди до бегалците меѓутоа тие беа околу 5 пати помали (околу 400 евра). Новата акција ќе трае еден месец, бидејќи на ЕУ и е страв дека ако ја остави на неодредено време тоа само ќе инспирира повеќе луѓе да тргнат накај ЕУ, па макар и за тие 2.000 евра.

За да не изгледаат бездушни, ЕУ објаснува дека понудата е за економските мигранти кои се по бегалските кампови во Грција, и дека секако нема да враќа дома бегалци кои воопшто немаат дом каде да се вратат. Според ЕУ ова е само вонредна мерка за брзо олабавување на притисокот врз камповите на грчките острови.

Тие се надеваат дека околу 5.000 луѓе ќе ја прифатат понудата.

Истите овие признаваат и дека немаат точен број колку од жителите на камповите се економски мигранти, а колку се бегалци.

Парите ќе дојдат од помошта на ЕУ за Грција од 700 милиони евра.

Дури и пред обновувањето на инцидентите на грчко-турската граница, агенцијата за бегалци на О.Н. објави дека над 36.000 баратели на азил се сместени во бегалските кампови во Грција, првично направени за 5.400 лица. Од нив околу 20.000 се во Морија кампот на Лесбос. Минатиот јули во истиот овој камп имаше околу 5.000.

12 март 2020 - 14:28