Аџилакот во Мека стигна до 2.177 жртви

Саудијците и понатаму остануваат на бројката од 769 жртви и 934 повредени, проблемот со нивната математика е што сега поединечните држави почнуваат да пресметуваат колку нивни граѓани аџии им се пријавени за исчезнати. Новата бројка од 2.177 жртви е збирот што го има добиено Асошиејтед прес.

Бројката на АП доаѓа од извештаите на државните медиуми и функционери на околу 30 од 180-те држави кои имаа свои жители на аџилакот. По оваа математика, Иран е најлошо погодена држава со 465 загинати аџии, по нив е Мали со 254 загинати, и Нигерија со 199.

Саудиските функционери по средбата во неделата само соопштија дека ќе работат да откријат од каде им доаѓа разликата во бројки. На несреќата, која се смета за најсмртоносна во историјата на аџилакот, и претходеше пад на кран во кој загинаа 111 верници. До сега најсмртоносен беше аџилакот од 1990-та, кога во стампедо загинаа 1.426 луѓе.

Иран за несреќата инстантно го обвини саудиското кралско семејство, и побара ним да им се одземе "старателството" врз најсветото место во Исламот и тоа да му биде предадено на независно тело.

Техеран тврди дека бројот на жртви е над 4.700 луѓе, без да обезбеди докази за тоа.

"Лажливите и претерано ситничави организации, кои тврдат дека промовираат човекови права, како и Западните влади, кои понекогаш прават голема галама околу смртта и на еден единствен човек, во овој инцидент продолжуваат со мртвиот молк во корист на нивната сојузничка влада.

Ако беа искрени, овие самопрогласени поборници за човекови права требаше да бараат одговорност, компензација, и гаранција за неповторување и казна за сторителите на оваа катастрофа," порача врховниот ирански лидер Ајатолахот Али Хаменеи.

20 октомври 2015 - 13:02