96% од царините на Трамп паднале на грбот на Американците

САД заработиле близу 200 милијарди долари од царините на Трамп, но дури 96% од тие пари ги платиле американските граѓани, кои биле принудени да купуваат поскапи производи од увоз. Спротивно на очекувањата, другите земји не ги намалиле цените на производите, туку се преориентирале на други пазари, главно во Европа и Азија.

Наметнувајќи ја серијата високи царини, претседателот Доналд Трамп тврдеше дека другите земји ќе им плаќаат на САД за извезените стоки и така ќе ја поттикнат американската економија.

Сепак, студија на германскиот Институт Кил за светска економија открива дека се случило спротивното. Извозниците не ги спуштиле цените, поради што американската трговија се намалила, а разликата се одразила врз поскапување на производите понудени на купувачите.

Царините на САД се автогол: американските увозници и потрошувачи ги сносат речиси сите трошоци. Странските извозници апсорбираат само околу 4% од царинскиот товар. Преостанатите 96% се пренесуваат на американските купувачи, се наведува во студијата која се базира на податоци за над 25 милиони трансакции вредни речиси 4.000 милијарди долари.

Американците не само што плаќале повеќе поради царините, туку имале и помалку опции. Иако приходите од царина се зголемиле, обемот на трговијата се намалил. Извозниците не ги спуштиле цените само за да бидат присутни на американскиот пазар. 

Го споредивме индискиот извоз во САД со испораките во Европа и Канада и идентификувавме јасен модел. И вредноста и обемот на извозот во САД нагло се намалија, до 24%. Но, цените на индиските извозници останаа непроменети. Тие испорачуваа помалку, а не поевтино, објасни Џулијан Хинц, директор за истражување во Институтот Кил.

Авторите на студијата заклучуваат дека иако САД се голем пазар, тие не се и единствениот. Извозниците што се судрија со царините од Трамп ја пренасочуваат трговијата кон Европа, Азија или други дестинации.

Сè додека е изводливо пренасочувањето на продажбата, извозниците имаат помал поттик да ги намалат цените конкретно за купувачите од САД.

Дури и ако извозникот ги намали цените, царината од 50% е исклучително тешко да се надмине преку ценовни отстапки. Извозникот би требало да ја намали цената за една третина само за да компензира царина од 50%. Такво намалување на маржата веројатно би било непрофитабилно за повеќето фирми.

Соочени со изборот помеѓу одржување на маржите при намалена продажба или нивно намалување за да се одржи обемот, повеќето извозници очигледно го претпочитаат првото, се забележува во студијата.

28 јануари 2026 - 11:47