13-ти ноември во Париз требал да биде многу поужасен

Не само што нападот на Париз бил планиран да има далеку повеќе жртви, туку требал да се случи и во уште неколку градови, по што требало да следува втор бран напади на неколку локации низ Европа.

Оригиналниот и поамбициозен план бил заедно со Париз да се нападне и Холандија, и останати мети во Франција како трговски области и супермаркет во Париз. Дополнување на ова бил планот за дополнително инфилтрирање на Велика Британија.

Муабетот е од анализата на Сиенен на илјадници страници документи и фотографии од европската истрага и информации од извори блиски од истрагата во Париз.

Во документите се откриваат дополнителни информации околу "високо организираниот огранок на ИСИС" посветен на организирање напади во Европа, чии оперативци дури и сега чекаат инструкции за дејствување од своите претпоставени во Сирија. Тие откриле постоење на уште еден терорист осомничен околу нападите кој никогаш претходно не е спомнат во јавноста, а уапсен е дури во јули годинава - Абид Табауни.

Сиенен неколку месеци чешла околу 90 илјади страници од документите, кои покажуваат:

- покомплетна слика за тоа како терористите ги користат палтформите како Вибер, Телеграм и Вотсап, кои се енкриптирани за безбедна комуникација. Тие на располагање имаат и апликација која им дозволува да изберат нов телефонски број, кој им е доволен незабележано да комуницираат.

- начинот на кој ИСИС ги заштитува мисиите: секој оперативец има точно онолку информации и пари колку што му се потребни да стигне до следната фаза; оперативците се контактирани на секој следен чекор од патувањето; се инсистира на псевдоними, дури и во рамки на тимовите.

- начинот на кој терористите постојано разменуваат логистички совети со останатите во нивната мрежа, вклучувајќи дали да користат вистински имиња на граничните премини или како нелегално да минат преку граница. Еден од советите е да се скријат во тоалетите на возовите.

Еден од главните успеси на европските безбедносни агенции кој го намалил бројот на жртви е апсењето на двајца мажи кои требало да соработуваат со терористите од Париз и да се разнесат пред Стад д Франс.

Хадади и Усман

Едниот е Алжирецот Адел Хадади, а вториот е Пакистанецот Мухамед Усман. Двајцата тргаат кон Европа од престолнината на ИСИС, Рака, шест недели пред нападите.

Од Рака тргаат како 4-член тим, кој на почетокот од октомври ја минува границата од Сирија во Турција и се упатуваат кон турскиот брег. Другите двајца во тимот се Ахмад ал-Мохамед и Мохамед ал-Махмуд кои на 13 ноември се разнесоа себе си пред стадионот во Париз.

Четворицата не си ги знаат имињата меѓу себе, ниту пак која е нивната мисија, се што знаат, според сведоштвото на Хадади е дека се испратени во Франција да "направат нешто добро за Господ."

Цело време нивното патување е управувано од еден од лидерите на ИСИС во Сирија, Абу Ахмад, кој го командува секој нивен следен потег, од обезбедување превоз, мобилни и лажни пасоши, до пари и врски со шверцерите на луѓе.

Групата од Турција продолжува кон Грција на брод со други бегалци. Бродот е пресретнат од грчката морнарица, која открива дека Хадади и Усман имаат лажни сириски пасоши. Двајцата се уапсени и задржани во затвор на речиси еден месец. Ова сериозно ја одлага нивната мисија и го спречува учеството во нападот на Париз. За останатите двајца грчките власти одбиваат да кажат како им се протнале.

Откако се пуштени од притвор, Абу Ахмад одма им обезбедува 2.000 евра и тие без некои поголеми вознемирувања го продолжуваат своето патување, кое оди по трасата: Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Австрија. Тие стигаат во Салцбург дури на 14 ноември, еден ден по нападите во Париз. Таму веднаш бараат азил и се сместуваат во еден од бегалските центри во градот, каде чекаат неколку седмици.

Според документите тие намерно се стационираат и чекаат, како би ја исполниле својата мисија откако не учествувале во големиот напад. Пред да бидат уапсени во бегалскиот камп, двајцата истражувале за возови до Париз, имале неколку меѓународни повици, меѓу кои и до Белгија и Франција, а додека патувале кон Салцбург контактирале и техничар вработен во еден од најважните нуклеарни центри во Европа. Човекот подоцна е ставен под надзор од француските власти.

Токму на денот на пристигнувањето на Табауни во истиот бегалски камп во Салцбург, австриската полиција прави рација во која ги апси Хадади, Усман и уште неколку луѓе, додека Табауни успева да им избега, иако својот мобилен го заборава на полнач до креветот на Хадади. Табауни стига во Салцбург по истата бегалска рута што ја користат и претходните членови на тимот. Табауни во јули годинава е уапсен во Белгија.

 

6 септември 2016 - 16:02