Зошто се важни татковците?

Секое трето дете во Америка живее без својот татко и наместо него има еден или сериски "вршители на должноста". Групи на кои им е важна оваа тема велат дека државата направила многу повеќе да ги интегрира жените на работното место отколку да го интегрира мажот во семејството.

Повеќе од половина бебиња чии мајки имаат под 30 години не се раѓаат во брак. Стапката на развод помеѓу оние кои се мажат надминува 40%. Ова е статистика од извештајот The State of Our Unions за 2012, кој ги следи промените во бракот и семејниот живот во САД.

Татковците се најчесто отсутни од животот на децата, или пак тие се „сериски" татковски фигури, кои се во романтична врска со мајките (во случај на развод вообичаено мајките добиваат старателство на децата). Дваесет и четири милиони американски деца - едно од три - растат без нивните биолошки татковци. И ваквите семејства, во кои таткото е отсутен, имаат четири пати поголема шанса да бидат сиромашни.

Децата значи можат да растат со поголем број татковски фигури, но без реален татко. Тоа ги прави нивните животи понестабилни споредено со животот на децата во минатото. Ендрју Џ. Черлин, автор на „Брачната вртелешка" и директор на Центарот за популација на Универзитетот Џонс Хопкинс вели дека ваквата ситуација е резултат и на неодамнешни културолошки промени но и на промени во економијата. Тој го промовира терминот „семеен вртлог" за да го опише она што се случува кога паровите се разделуваат, со тоа што најчесто таткото е оној кој заминува од дома и отстапува место на друг маж.

Според Ворен Фарел, автор на „Повторна средба помеѓу таткото и детето", фигурата на таткото е важна бидејќи помага во контролирање на импулсите и ја зголемува способноста на детето - без оглед дали е тоа машко или женско - ефикасно да реагира на нови или на необични ситуации. Децата кои се блиски со татковците постигнуваат подобри академски резултати, а татковците се и најголемиот фактор во спречување на користење дрога. За девојчињата, доколку до нив има грижлив татко, шансата дека ќе забременат како тинејџерки е помала.

Федералната влада на САД после бројни резултати од истражувања кои укажуваат на важноста на улогата на таткото, конечно почнува да го свртува вниманието кон нив, за разлика од досегашната пракса на постојано фокусирање врз мајките. Едноставното подобрување на условите на пазарот на трудот за младите мажи може да ги стабилизира семејствата, особено оние кои се на почетокот на нивното формирање. Според оние кои се обидуваат татковците да го добијат заслуженото признание за нивното значење како родители, САД направиле многу повеќе да ги интегрираат жените на работното место отколку да го интегрираат мажот во семејството. Мажот се цени повеќе како „паричник" отколку како татко. Резултатот е тоа што мајките имаат чувство дека немаат ресурси, а татковците дека немаат долгорочна семејна цел. Најголеми губитници можат да бидат децата, на кои во ваква ситуација им е ускратена целата родителска љубов и внимание кои би можеле да ги добијат.

 

17 јуни 2014 - 07:58