Зошто не фатиме сè да правиме од рециклирана пластика?

Секогаш кога ќе се спомне "загадување, пластика, кеси..." редовното ехо е "требаат 1000 години за тоа да се распадне, па страдаат океаните, желките, делфините..." Зошто тогаш така истрајна и сеприсутна суровина не би се користела за производство на сè и сешто.

Одговорот е – затоа што не може, и е комбинација од технолошки, маркетинг и културолошки бариери. Хемискиот инженер и основач на консултантска компанија за рециклирање пластика, Едвард Косиор, објаснува дека "главниот контекст на сето ова е цената на нафтата".

Затоа што производството на нафта бележи пик, нејзината цена е константно ниска, а бидејќи пластиката се произведува од нафта, и самиот трошок за производство на пластика е постојано низок. Користењето рециклирана пластика има логика само кога нафтата е поскапа и кога рециклирањето е поевтино од создавање "девствена" пластика од нула. Моментално работите се обратно поставени.

Друга работа е што самиот процес на рециклирање не е ни приближно совршен како што би сакале, и може да резултира со помалку квалитетна пластика или погрешна боја, "ставки со кои брендовите не би си играле."

"За да користиш рециклирана пластика треба да имаш предвид две работи: дали има влијание на изгледот и трошоците. Брендовите секогаш сакаат производот да им биде идентичен на полица," објаснува Косиор.

Под ова "трошоци" најголемиот дел од производителите ја земаат предвид пресметката за тоа колку ќе потрошат на самото производство, притоа во есапот игнорирајќи поопшти придобивки како ефикасност, заштеда на нафта и намалување на емисиите на ЦО2 што доаѓаат од користењето рециклирана пластика.

Технолошките бариери во производството на рециклирана пластика се однесуваат на тоа што секоја пластика мора да биде исчистена, сортирана па дури потоа стопена и калапирана за други производи. Проблемот е што најголемиот дел од пластичните производи се направени од различни видови пластика, и секој од нив мора да биде сортиран и одделен од другите пред да биде рециклиран. Одредени типови пластика, како ПВЦ, воопшто не можат да бидат рециклирани.

Што се однесува на културолошките бариери тоа најчесто се сведува на тоа дека потрошувачите немаат поим која пластика можат да ја рециклираат а која не. Заради ова и нема толку притисок врз компаниите, што пак нив ги прави индиферентни кон проблемот.

Авторката на текстот за Мадерборд објаснува дека и покрај изнесените факти сите експерти со кои разговара се сложни дека работите околу рециклирањето пластика одат на подобро.

 

13 јули 2017 - 13:51