Прашање за пред самоубиствен бомбашки напад

Зошто Ирак се уште користи лажни детектори за бомби?

По нападот во Багдад во кој загинаа над 250 луѓе беше хакната веб-страната на ирачкото министерство за внатрешни работи и објавена слика од крваво бебе и детектор за бомби со обележјата на ИСИС. Детекторот, Атлантик го опишува како "бескорисно парче пластика кое стана симбол на неуспехот на владата да ги заштити цивилите."

Конкретниот детектор за бомби / експлозиви е во употреба во сите ирачки безбедносни структури, иако уште пред 6 години истрага на БиБиСи покажа дека истиот не врши никаква работа и е комплетно бескорисен.

По истрагата Британија ја забрани продажбата на овие уреди во Ирак и Авганистан, а британскиот бизнисмен Џејмс Меккормик кој на ирачката влада ѝ продаде вакви детектори во вредност од повеќе милиони долари, е во затвор заради измама. Судијата во случајот против Меккормик ги прогласи детекторите за "бескорисни," а Меккормик за "предводник и извршител" на измамата. Според мислењето на судијата, детекторите даваат "лажно чувство на безбедност" што најверојатно ќе чини животи.

Вашингтон пост објави дека иако ирачкиот премиер уште пред нападот наредил да се престане со користењето на детекторите, полицајците во понеделникот се уште ја немале примено наредбата, изјавувајќи "знаеме дека не функционираат, сите знаат дека не функционираат, а човекот што ни ги продаде е во затвор. Ама немаме друг избор."

Минатата година Ванити феир го опишува детекторот за експлозиви на ирачката полиција, кој инаку е пренаменет детектор за голф топчиња:

"Составен е од пластична рачка со антена што слободно се движи. Функционира многу едноставно: кога ќе го накосиш уредот на десно, антената врти на десно. Кога ќе го накосиш на лево, антената врти на лево. Ако си поверувал на некоја од одличните презентации за негова продажба, ти веруваш дека антената се движи како резултат на нешто што се вика нуклеарна квадруполна резонанса, или електростатично привлекување, или радио бранови од ниска фреквенција кои се одбиваат од јоносферата - секоја од овие сили наводно ја привлекува антената кон супстанцата која ја бараш, како што тоа на почеток било случај со 'состојките што се користат во топчиња за голф.'"

Подоцнежните верзии на детекторите се надополнети со картички кои корисникот може да ги менува во зависност од тоа која супстанца сака да ја открие, и оваа опција има опсег од дрога до експлозиви и слонова коска. Кога во 2010 го анализираат уредот, Бибиси носи неколку вакви картички во лабораторија на Универзитетот Кембриџ. Таму откриваат дека:

"Картичката која наводно може да детектира ТНТ не содржи ништо друго освен еден вид на чип против крадење кој се користи во луксузните продавници за спречување на кражби. Ова се најевтините парчиња електроника кои можеш да ги најдеш што изгледаат приближно на електроника и се доволно тенки за да ги собере во картичка."

Зошто ирачката влада уште ги користи овие детектори? Затоа што договорот за нивно купување чини најмалку 85 милиони долари, а според истрагата на ирачкото министерство за внатрешни работи, 75% од вредноста на договорот се дадени како мито на ирачките функционери.

7 јули 2016 - 17:00