Дел од работата на преговарачките страни е да се утврди колку, и дали воопшто, Британија му должи нешто на блокот во кој мина "солидни, иако не секогаш блажени" 44 години.
Дел од парите што се очекува островот да ги исплати се по основа на обврските на кои тие се согласиле додека биле во Унијата. Главна меѓу тие обврски е буџетот на ЕУ, кој се носи на 7 години, и кој во последната верзија донесена во 2013, важи до 2020. Под буџетот влегуваат пари за инвестициски проекти, пензии и сл.
Ставот на луѓето од Оксфорд економикс е дека Британија по оваа основа нема што да плаќа, бидејќи таа е една од ретките членки кои се нето учесници - даваат повеќе пари во ЕУ буџетот отколку што вадат од него. И тоа е така уште од првите денови на Британија во европската заедница.
"Ако го собереш нето придонесот на Британија од 1973 и го изразиш во денешни пари, ќе добиеш сума од 140 милијарди фунти. Заради тоа држи аргументот дека е бизарно да ја тераш Британија да плати за разводот имајќи предвид дека цели 40 години ги субвенционира останатите земји членки," објаснува Мартин Бек од Оксфорд економикс.
Од европска страна иако го признаваат придонесот на Британија, тие објаснуваат дека земјата има многу што да изгуби кога е во прашање трговијата. Па иако нема основа по која Британија може да се казни за тоа што го напушта блокот, воспитните мерки на располагање на ЕУ се базираат трговските договори и потребата на Лондон од ново да ги склучува истите со секоја една членка на Унијата. Моментално 50% од британскиот извоз завршува во ЕУ.
Мариа Демерцис, од европскиот економски тинк-тенк Бругел, објаснува дека за Британија не е проблем да плати, бидејќи во најлош случај сметката би изнесувала 3% од британскиот БДП, туку проблемот е како тоа ќе изгледа.
"Може да се направи компромис на темата, или да има некоја дипломатска спогодба за тоа како ќе биде структурирана исплатата, без разлика дали ќе се плаќа низ подолг период, или ќе бидат маскирани како исплати за нивен понатамошен пристап до ЕУ програми.
Има најразлични начини како да го спакуваш ова за да изгледа попривлечно отколку просто 'треба да платиш 60 милијарди евра,'" објаснува британскиот професор Ананад Менон.