"Според наше мислење, таквите екстратериторијални ефекти од таквите санкции се спротивни на меѓународниот закон," објаснува германскиот координатор за транс-атлантски односи, Јирген Хардт.
Со новиот пакет санкции американските власти имаат моќ да го спречат развивањето на Северниот тек 2, кој треба преку Балтичкото море да ја снабдува Германија со гас директно од Русија. Изградбата на гасоводот требаше да започне во 2018, а комплетирањето е планирано за 2019.
"Она што ситуацијата ја прави опасна за ЕУ е што САД сега има, во форма на санкции против Русија, инструмент за торпедирање на овој енергетски проект. Казните од ова ќе ги опфатат и европските и германските енергетски компании, а и економијата на Европа ќе биде погодена.
Во најлош случај, желбата на американскиот Конгрес да ја казни Русија за сајбер-нападите - и да го прекори претседателот Трамп за попустливоста кон Путин - би можела да започне транс-атлантски судир," се порачува во текстот на Ханделсблат глобал.
Предупредувањето до САД доаѓа и од германската министерка за економија, која отворено кажува дека постои можност за одмазда и дека последниве мерки би можеле да започнат трговска војна меѓу САД и ЕУ. На ист став се и претставниците на ЕУ, според кои контра-мерките најверојатно би удриле на американскиот извоз на земјоделски производи во Европа.
Германскиот комесар за односи со Русија, Гернот Ерлер, алармира дека изгласаните санкции (кои допрва треба да бидат потпишани од Трамп) во оваа форма не само што го загрозуваат Северниот тек 2, туку се закана и општо за Европско-руската енергетска соработка, "до детали како поправки на инфраструктурата од која зависи снабдувањето со енергија на ЕУ." Ерлер ја критикува и американската влада порачувајќи дека "нејзина примарна цел е да користи сопствени енергетски ресурси за создавање работни места во САД и засилување на надворешната политика на земјата."