„Како и во Првата светска војна, достигнавме ниво на технологија која нè става во пат позиција.
Најверојатно нема да се случи длабоко пробивање,“ изјавил Залужниј во разговор со Економист.
Контраофанзивата требаше да и послужи на Украина да го увери Путин дека не може да ја добие војната, и да го присили да седне да преговара. Намерата беше Русија да се запре преку десеткување на нејзината војска. Овој план успеа половично, Украинците убиваа руски војници, но тоа не ја откажа Русија. Како што признава Залужниј, самата негова логика била погрешна, бидејќи „Русија има најмалку 150.000 мртви. Во секоја држава ваков број на загинати ќе ја запреше војната.“
Теоретски, војска со опрема и обука како таа што ја имаше украинската армија треба да може да освојува по 30 километри територија на ден пробивајќи ги руските одбранбени линии.
„Ако ги погледнеш НАТО учебниците и математиките што ги правевме (во планирањето на контраофанзивата), четири месеци требаа да бидат доволно време за нас да стигнеме до Крим, да се бориме на Крим, да се вратиме од Крим и уште еднаш да отидеме до таму и назад,“ порачал Залужниј.
Наместо тоа, неговата опрема и војска заглави во минските полиња кај Бахмут, додека тој гледаше како западната опрема е разорувана од руска артилерија и дронови. Истото се случуваше и на југот, каде новите и неискусни бригади, и покрај модерното западно оружје и опрема, веднаш налетаа на проблеми.
„Прво мислев дека грешката е кај нашите команданти, па затоа сменив неколку. Потоа помислив дека нашите војници не се дораснати на задачата, па затоа направив преместувања во бригадите,“ објаснува генерал Залужниј.
Кога ова не му успева, тој ја отвора книгата „Пробивање на утврдени одбранбени линии.“ Книга од старата советска школа објавена во 1941, и напишана од советскиот генерал-мајор П.С. Смирнов. По негови зборови, уште не стигнат до пола книга, Залужниј сфаќа дека нивото на технолошкиот напредок на двете страни ги става и нив и Русите во безизлезна ситуација.
Потврда за ова му е фронтот околу Авдивка, каде Русите изгубија две армии за да освојат неколку стотини метри во рок од неколку недели. Самиот Залужниј кога е таму гледа на монитори „како горат 140 руски машини, уништени во рок од четири часа од доаѓањето во контакт со нашата артилерија“, а војниците што се обидуваат да избегаат се гонети од дронови со експлозиви.
„Истата сцена се одигрува и кога украинските сили се обидуваат да напредуваат,“ пишува Економист.
Залужниј го опишува украинскиот фронт како битка во која модерни сензори можат да ја откријат секоја концентрација на сили, а модерно прецизно оружје може да ги уништи истите.
„Едноставно ние можеме да видиме сè што прави непријателот и непријателот може да види сè што правиме ние. За да излеземе од овој ќорсокак ни треба нешто ново, како кога Кинезите измислија барут и ние се уште го користиме него за да се убиваме меѓу себе,“ порачува генералот.
Во сегашната војна Залужниј верува дека нема да има едно одлучувачко оружје, туку „комбинација на сите технички решенија што веќе постојат.“ Во обемен есеј напишан за Економист, Залужниј повикува на иновација во дронови, електронско војување, анти-артилериски капацитети и опрема за деминирање, вклучително нови роботски решенија.
Додека Залужниј порачува дека „САД не е обврзан ништо да им даде и е благодарен за се што добиле,“ Економист смета дека тоа што Вашингтон не им испраќа или калкулира со испраќање на модерни ракетни системи и тенкови, и овозможило на Русија да се прегрупира и да се утврди на фронтот по поразите од минатата есен.
Покрај сето ова Залужниј инсистира дека Украина нема друг избор освен да остане во офанзива дури и ако напредува по само неколку метри на ден. Негова процена е дека Крим останува најголемата ранливост на Путин, бидејќи тој е столбот за неговите империјални амбиции, а „целиот негов легитимитет се базира на неговиот успех да го врати Крим во Русија“.
Главниот напор на Зеленски е да не дозволи Украина да заглави во рововска војна „која може да трае со години и да ја истошти украинската држава.“
„Во Првата светска војна избувнуваат бунтови пред технологијата да може да направи некаква разлика на фронтот. Колабираа четири империи а во Русија изби револуција,“ пишува Економист.
Залужниј е свесен дека долгогодишна војна е во корист на Русија, која има три пати повеќе население и десет пати поголема економија од Украина.
„Да бидеме искрени, тоа е феудална држава во која човековиот живот е најевтиниот ресурс. А за нас... најскапото нешто што го имаме се нашите луѓе.
Треба да го најдеме нашето решение, ни треба да го најдеме барутот, брзо да го научиме и да го користиме за брза победа. Бидејќи порано или подоцна ќе сфатиме дека едноставно повеќе немаме доволно луѓе за борба,“ изјавил генерал Залужниј.