Загарот од Хаунзлоу, Британецот што собори американска берза

Навиндер Сарао е човекот кој во 2010 помогна за крахот на берзата во Чикаго во која беа изгубени околу 1.000 милијарди долари, и сето тоа од дистанца од речиси 6.500 километри, од својата детска соба во лондонски Хаунзлов.

Денес 42-годишниот Сарао е самоук дилер на берза кој помогна во создавање паника на американските берзи во 2010. Тој е уапсен во 2015 за неговиот удел во падот на берзата, кој траеше помалку од еден час, при што беа збришани речиси 1.000 милијарди долари од вредноста на акциите.

По апсењето во 2015, Сарао минува 4 месеци во затвор во Британија, пред да биде испорачан во САД. На изненадување американскиот суд му дозволи на Сарао да се врати назад во Британија, каде тој помага во откривање на останатите учесници во соборувањето на берзата. Првично против него имаше 22 обвиненија кои носеа максимална затворска казна од 380 години.

Сарао има Аспергеров синдром (кој е еден од неколкуте пореметувања од аутистичкиот спектар) и за него поразувањето на берзите било како „победување во видео игра“. Прекарот „Загарот од Хаунзлов“ го добива како асоцијација на „Волкот од Вол стрит“, иако и покрај успехот и парите што ги прави не се оддава на филмско трошење пари и на крај најголемиот дел од ќарот го губи на измамници инвеститори.

За операцијата Сарао користи посебно адаптиран софтвер за (од Лондон) да тргува на Меркинтајл берзата во Чикаго. Тој купува и продава хартии од вредност кои во пракса шпекулираат со вредноста на некои од најголемите американски компании.

На оваа берза секој пат кога ќе биде ставено барање за купување или продажба, компјутерски алгоритми кои работат за некоја од компаниите што тргуваат со акции, во рок од милисекунди одлучуваат дали тие ќе купуваат или продаваат по основа на овие нарачки пред истите да бидат извршени.

На Сарао му станува јасно дека сите трговци користат сличен софтвер, што прави пазарот константно да е вознемирен „како стадо овци во кое сите се движат во ист правец“.

Неговиот софтвер го искористува ова со тоа што пушта илјадници нарачки по што истите брзо ги откажува или менува, оставајќи доволно време  да се создаде вештачка побарувачка за туѓите алгоритми да ги купуваат или продаваат конкретните акции.

Ова пак му дозволува тој во втора фаза вистински, со профит, да купува или да продава хартии од вредност, откако цената паднала или пораснала.

Во 2016, Сарао се согласи на американската влада да и исплати отштета од 12,8 милиони долари, колку што според обвинителството тој заработил од нелегалната трговија. Се верува дека тој имал вкупен профит од околу 40 милиони долари во период од пет години.

29 јануари 2020 - 11:55