Експлоатирани кинески работници, ангажирани во Италија од неовластен подизведувач, ги правеле чантите и скапите модни додатоци за престижната империја Џорџо Армани. Италијанската полиција обелоденила серија злоупотреби во синџирот на снабдувањето и производството кои куќата не ги следела соодветно.
Модната куќа негира дека сторила нешто лошо и тврди дека ги преземала сите мерки за контрола и превенција за да се минимизираат злоупотребите во синџирот на снабдување.
Армани ангажирале легален изведувач но тој ангажирал неовластен подизведувач кој вработувал Кинези на црно, дел од нив со илегален престој во Италија. Притоа, не биле почитувани прописите за здравје и безбедност, како и правилата за работно време, паузите и слободните денови.
Ваквиот систем за нелегално посредување и експлоатација на работници Италијанците го нарекуваат caporalato и најчесто е користен во земјоделскиот сектор.
На кинескиот подизведувач му биле плаќани 93 евра за чанта што модната куќа ја продавала за околу 1.800 евра. На овластениот подизведувач, кој се однесувал како посредник, без реален удел во процесот, му биле плаќани 250 евра за истата торба, по што, откако ќе го подмири подизведувачот, му останувале чисти 157 евра за чантата.
Карабињерите објавија и видео од упадот во „фабриката“ за луксузна стока, со кревети на спрат, скршени мијалници, импровизирана кујна, картон залепен преку прозорците..