Византија како пцовка

Има така некои историски, географски и културолошки термини чие значење варира од идеолошкиот контекст во кој се употребени. Еден од нив е Византија и придавката „византијско", кои особено за оние позападно од нас, дури и во современи, „цивилизирани" услови, сè уште имаат негативно значење. Еве како Хрватите ја доживуваат Византија, без да знаат за што всушност зборуваат. А веќе не остана ни кој да им објасни.

Пред речиси триесет години, нешто пред летото 1984, Џони Штулиќ на албумот „Криво срастање", како шеста и последна на А страната на грамофонската полоча, ја објави песната Џејн: „Ја прашав Џејн за Византија/не знаеше/само гледаше како да насетува/тежок покров на камени векови/Ѕид на плачот, крв/и стоичка црта на лицата на анѓелите/и пламен и раѓање и смрт..." Песната беше темна и убава, и во неа, со прецизна поетска нарација, тој правеше културно-историско кроки на Визант и Византија.

Во тоа време, летото 1984. Зоран Милановиќ имаше ненавршени осумнаесет години. Каква музика слушал, не знаеме. Но морала, макар и случајно, да го погоди во дното на увото тешката бас линија низ која пловеше гласот на Џони, во таа песна за Византија. Триесет години подоцна, повеќе нема кој на граѓаните на Хрватска да им објасни што е тоа Византија, но за жал ни таков кој искрено би се зачудил зошто Џејн не знаела за неа, туку само „гледала, како да насетува". Како да насетува - што?

Истата недела кога гледачите на Би-би-си ги уверуваше дека екстремна десница во Хрватска не постои, Зоран Милановиќ три пати во негативен контекст, како пцовка, го употреби зборот Византија. Првиот пат Византија ја нарече ХДЗ и Карамарко, потоа им рече на бизнисмените да бираат помеѓу некаков византиски модел во економијата и некаков нордијски модел. Третиот пат, по повод јавните препирки околу здравственото воспитување, рече: „Кој сака на Византија, нека оди на Византија". (што е и граматички погрешно во хрватскиот, бидејќи се оди на Левант, а во во Византија)

Ниту еднаш Зоран Милановиќ не зборуваше за Византијците и византијството, кои како поими внатре некоја затворена, тескобна култура, омеѓена со предрасуди и поговорна омраза биле, и се, негативно конотирани. Византијците, имено, како и Латините и Левантинците, се стереотипни измамници, подлеци, криминалци, дволичници...Инаку, за Византијци се сметале Млечаните, Далматинците, Италијанците, Дубровчаните, генерално западните христијани, кои како трговци се населувале во Османското царство, во Истанбул и во другите трговски центри, но во франковачкиот дискурс и во рекламните гласила на Независната Држава Хрватска поимот на Византијците и на византизмот е погрешно користен за репресија на побогатите Срби и православци, главно на оние кои не се кренале на побуна, туку „подло и скришум" ги подривале темелите на хрватската држава. Но не е лесно, дури ни во тоа време, да се пронајдат текстови или изјави во кои негативно би коноторал поимот на Византија и Визант.

Зоран Милановиќ, можеби го помешал со Левант (исток или Ориент), кој ги опфаќа земјите, народите и културите на Блискиот исток. Значи, Израелците и Сиријците, Евреите и Арапите. Тој делумно се поклопува со Византија просторно, но временски главно не. Сосема сигурно, тој би го вметнал зборот Византија на местата на кои Карамарко би го употребил зборот Балкан. Или зборот Србија. Но сакал да се изрази попристојно, поевропски, можеби посоцијалдемократски...Во земја на незнаење, рамнодушност и индолентен однос кон културата - земја во која Марио Манџукиќ е отприлика она што за Италијанците е Данте, за Англичаните Шекспир, за Црногорците Његош - Зоран Милановиќ не направил ништо страшно, што некого би го вознемирило, налутило или навредило. Тој повеќе се покажал како прв меѓу еднаквите, затоа што ни Манџо, во тоа сме убедени, не знае за Византија. Како што еднаш одамна, на големо чудење на поетот, не знаела ни убавата Џејн. И рекла, кога конечно сфатила: „Што би се случило да го заорале Рим/како што праќале стока да пасе над Картагина?"

Поимот Византија во хрватската материјална и нематеријална култура и традиција опфаќа многу работи, но веројатно, најзападната точка на неговото укажување е во Пореч, во Еуфразијевата базилика, за која во рекламните проспекти на Хрватската туристичка заедница се кажува ова: „Еден од најубаво сочуваните споменици на раната византијска уметност на Средоземјето. Изградена во шестиот век, на местото на ранохристијанска црква, во време на бискупот Еуфразиј". Еве и друга важна врска со Византија: хрватската историографија била, во втората половина на дваесетиот век, озрачена со векот на славниот Георги Александрович Острогорски. Кај тој најголем европски византолог, кој во 1933., во часот кога Хитлер доаѓа на власт, од Бреслав преминал во Белград, докторирале, магистрирале, дипломирале многу наши. Кој сакал нешто да знае за Византија, ја читал неговата „Историја на Византија", која неодамна излезе и во Загреб, како „Историја на Бизант". Во тоа кроатизирање и преведување очигледно е превидено дека историјата и повјеста не се до крај и секогаш едно и исто...

Меѓу учениците на Георги Острогорски со убав спомен и чесен живот нè има задолжено Иван Ѓуриќ. Белградски професор, вреден историски псиател, автор на книгата „Самракот на Византија", се вклучи во политиката пред распадот на Југославија, со намера да ја спасува заедницата од лудилото кое почна да навлегува. Му се спротивстави на Слободан Милошевиќ, излезе како кандидат на првите претседателски избори во Србија и заврши трет по бројот на гласови. Кон крај на 1991. емигрираше во Франција, живееше во Париз а во текот на војната доаѓаше во Сараево и во Загреб, држеше предавање, даваше интервјуа и се бореше, многу доследно, за идеалите на мир, слобода и национална рамноправност, давајќи им за право на нападнатите и настапувајќи во таа смисла и пред домашната и пред странската јавност. Последен пат Иван Ѓуриќ го сретнав во Прерадовичева улица, пред Културно-информативниот центар, во доцното лето 1995. Умре, со навршени педесет, кон крајот на ноември, две години подоцна.

Репетирањето на зборот Византија на Милановиќ, освен што нè потсети на значењето на поимот и на тоа колку малку луѓе останаа кои знаат што ни е нам Византија, и каде таа почнува, и каде завршува, беше корисно за да се сетиме на Иван Ѓуриќ. Не треба да ги забораваме луѓето кои ни биле добри. Сеќавањето на нив делуваат лековито, како и песните на чии стихови се сеќаваме со години, па ни надоаѓаат во вистинскиот миг, наместо пцовка и други грди зборови, кои ја изгубиле смислата и снагата затоа што во очај и гнев пречесто се изговорени. Сигурно, Византија е убав збор. Скапоцен како лапис лазули.

автор: Миљенко Јерговиќ

4 јуни 2013 - 17:31