Вистинскиот Милионер од гетото

Пред една година Сушил Кумар беше државен службеник во индиската сојузна држава Бихар, тогаш го избраа за учество на Кој сака да биде милионер и освои 1 милион долари, пари за кои на старата работа ќе му требаа 800 години за да ги заработи.

Милионерот речиси и да го нема променето својот начин на живот. Единствена голема разлика е што почнал да гради куќа, ама и тоа има зошто.

"Ова е мојот генератор. Често пати и до 4 часа на ден ни снемува струја. Претходно не можев да ги гледам вестите и омилените ТВ шоуа, сега немам проблем," раскажува Кумар покажувајќи го новиот генератор за струја што неодамна го купил за 500 долари.

Освен генераторот, меѓу другите работи кои ги купил се таблет компјутер и моторче.

Приказната за Кумар е речиси идентична со онаа од Милионер од гетото. Кумар работи како службеник за месечна плата од 100 долари, се пријавува на шоуто, одговара на 7 прашања и станува милионер.

И покрај освоени 1 милион долари, Кумар и понатаму живее во истата 4-собна куќа со својата сопруга, двајцата родители, четирите браќа, двете снаи и едно дете - тотал 11 луѓе.

Моментално, тој гради нова куќа, на плац веднаш до старата. Проектот го чини 200.000 долари. Дел од парите што ги доби ги искористил за да ги отплати долговите што ги имал неговиот брат а и сопругата ја има почестено со накит.

По добивањето на премијата Кумар ја напуштил својата работа и сега се подготвува да стане професор по психологија.

1 ноември 2012 - 15:04