Вирусот низ Европа го прошири монденско скијалиште на Алпите

Австрискиот Ишгл е Мека за богатите скијачи кои сакаат да се журкаат, па последниве години го завикаа „Зимска Ибица“. Откако стана јасно дека токму тоа место е главниот распрснувач на коронавируот во Европа, се открива како со него управувала лакомоста и неодговорноста.

Ишгл се наоѓа во Пазнаун, провинција Тирол, на 1.337 метри надморска височина. Има околу 1.600 резидентни жители и 11.800 туристички кревети. Плус 239 километри скијачки патеки, 1.000 топови за снег и 45 ски-лифта. Денски се скија, навечер по баровите и дискотеките се пие Јегер и Редбул, шема која стана бренд кој му конкурира на Ибица и Октоберфест. Особено е популарен меѓу Германците, но туристи има од секаде. Туризмот во малото место книжи 250 милиони евра годишно. Секој туристички кревет во местото просечно носи приход од 11.000 евра годишно.

„Огромниот број на туристи последниве години го сменија гратчето и неговиот ритам. Но, во последно време, Ишгл е тој кој го менуваше светот. За само 14 дена, почнувајќи од последните денови на февруари, австриското село станува 'Ground Zero' на европската пандемија на коронавирусот“, пишува Шпигел.

Истражувачкиот тим на германскиот медиум ја реконструира приказната на Ишгл од ден во ден, приказна која е полна со лакомост, неодговорност, партиски врски, тајкуни....

Кога медиумите јавуваат дека веќе има три илјади мртви на континентот, Ишгл работи со полна пареа. Дури и кога им стигнуваат (и тоа од Рејкјавик, Исланд) сигнали дека веројатно имаат кластер, и тоа не поврзан со единечен хотел или бар, тоа се игнорира: првиот човек на регионалното здравство тврди дека се „од медицинска перспектива мали се шансите Тирол да е извор на заразата“. Во меѓувреме илјадници луѓе доаѓаат и си одат од Ишгл. Кога стигнуваат и други податоци за заразени кои биле таму (од Данска, од Норвешка, од Германија), овие велат дека најверјатно се заразиле од Италијанци. 

Еден фрапантен пример: откако се утврдува дека еден шанкер е заразен (и притоа заразил најмалку 15 луѓе) барот во кој работи, на Фејсбук објавува пост: „Нè очекува уште една секси недела!“ 

За да се разбере целата слика: Ишгл практично го водат неколку ултра- богати фамилии: Парт, Курц, Загерл и Алојс. Кога викаме ултра богати, еве на што се мисли: Гинтер Алојс поседува два лускузни хотела, го има букирано Боб Дилан за концерт, ја има најмено Парис Хилтон за да го рекламира неговото просеко во лименки а пред две години плати 400 крави да бидат обоени во дела на Ворхол и Пикасо.

Сите тие, не само што е вгнездени во локалната и регионална власт туку имаат и дебели врски со централата на партијата на Себастијан Курц.

И уште ова:

- Главната жичарница можеда пренесе 3.400 луѓе на час. 
- Таа и другите гондоли и ски лифтови носат 80 милиони евра годишно.
- Цела таа мрежа ја контролира супервизорски борд.
- Во тој борд членуваат претставници на горенаведените фамилии.
- Еден од нив е Вернер Курц.
- Вернер Курц е градоначалник на Ишгл.

1 април 2020 - 12:18