Умирањето стана профитабилен бизнис во САД

Низ САД се шират приватни ординации кои го потврдуваат мотото на Топаловиќи дека „само смртта е сигурен бизнис“. И профитабилен, исто така. „Клиника на смртта“ од Њујорк наплаќа по 12.000 долари за смрт на пациенти со неизлечиви болести кои сакаат да си ги скратат маките. САД се приближуваат до Канада, каде што лекари прелесно одобруваат потпомогната еутаназија.

Еутаназијата е забранета со закон во сите сојузни држави во САД, но во 13 е легализирана Медицинска помош при умирање (MAID) за пациенти за кои лекарите утврдиле дека страдаат од неизлечиви болести. Откако оваа практика за првпат беше легализирана во Орегон во 1997 година, повеќе од 12.000 Американци си го одзеле животот со смртоносни лекови на рецепт.

Во Њујорк, каде што потпомогнатото самоубиство стана легално во август, отворена е специјализираната клиника Quietus, која наплаќа до 12.000 долари за поддршка за смрт на пациенти што страдаат од неизлечиви болести – по 11.000 долари за своите услуги, плус уште 1.000 долари за лековите. Оваа сума е неколку пати повисока во споредба со клиниките за смрт во Калифорнија или Ново Мексико, каде што цените се движат од 2.500 до 3.000 долари.

Основачот Дејвид Аткинс вели дека неговата клиника веќе им помогнала на 15 лица „достоинствено да починат“. Уште 40 до 50 изразиле интерес за услугата.

На пациентите им се препишува смртоносен коктел од лекови што го земаат самите дома. Би требало да ја изгубат свеста за неколку минути, а смртта настапува во рок од еден час. Сепак, имало и случаи кога процесот на умирање траел со часови, па и со денови.

Според законите во Њујорк, право на MAID имаат полнолетни лица што страдаат од неизлечива болест, со очекуван животен век пократок од шест месеци. Тие мора да поминат низ проценка на менталното здравје. Лекарот само го препишува лекот што предизвикува смрт, но пациентот мора самиот да го внесе во организмот.

Клиниката Quietus инсистира дека ги почитува сите критериуми и дека одбила некои пациенти. Лекари од клиниката ги посетуваат пациентите во нивните домови, остануваат покрај нив додека не помине дејството од отровот, констатираат смрт и ги известуваат надлежните установи. Аткинс вели дека повеќе од половината од заинтересираните се пациенти со АЛС (амиотрофична латерална склероза) - неизлечива болест која постепено ги парализира пациентите се додека повеќе не можат да дишат.

Џесика Роџерс од организацијата за права на пациентите тврди дека некои клиники, за да остварат профит, охрабруваат пациенти да си го одземат животот и кога тоа не е единствениот излез од страдањата.

За жал, не изненадува што во Њујорк никнуваат „клиники за убивање“. Повеќето лекари не сакаат да имаат никаква допирна точка со потпомогнатото самоубиство. Сега сме сведоци како поединци издаваат рецепти надвор од вообичаените норми и отвораат ординации за да остварат големи профити на сметка на исплашените пациенти, вели Роџерс.

******
Види и: Стара Канаѓанка еутаназирана против нејзината волја

3 ноември 2026 - 12:22