Стара Канаѓанка еутаназирана против нејзината волја

Жена од Онтарио која страдала од тешка болест, во јули била подложена на програма за „медицинска помош при умирање“, иако во последните денови од својот живот јасно и гласно кажувала дека не сака да умре. Медицинските лица инсистирале да се спроведе процедурата наспроти сомневањата дека жената била збунета кога потпишала согласност за сопствената смрт. 

Семејството на 83-годишната Брижит Стегеман тврди дека лицата задолжени за медицински потпомогнато умирање (MАiD) ја искористиле ранливоста на болната жена за да ја спроведат постапката, без изречна согласност. Два дена пред еутаназијата плачела и барала начин да ја поправи грешката.

Внуката Брижит Кранендонк сега упорно се обраќа до Канцеларијата на главниот судски лекар во Онтарио, до Омбудсманот за правата на пациентите и до полицијата во Белвил за да утврдат дали била законска постапката спроведена на 10 јули годинава во домот за нега „Перл“ во местото Канифтон. Внуката, која била и примарен старател, објаснува дека баба ѝ не била ментално способна кога под притисок го потпишала барањето за еутаназија.

Според упатствата од канадската влада, за да се квалификува за MAiD пациентот мора да биде ментално способен и да има „тешка и неизлечива здравствена состојба“.

Една и пол година пред еутаназијата, семејството одлучило да ја смести Стегеман во дом за стари лица, бидејќи нејзиното физичко и ментално здравје се влошувале. Во февруари годинава ѝ бил дијагностициран рак на желудникот во четврти стадиум. Лекарите прогнозирале дека ѝ преостануваат шест месеци до две години живот.

Кога ѝ ја предложиле програмата MaiD како опција да си ги скрати маките и болките, инстинктивно одговорила: „Не го сакам тоа“, првенствено поради длабоките верски убедувања.

Но, во јуни, токму кога старателката била на летен одмор, Домот за нега веќе ја направила првата проценка за програмата. На когнитивниот тест за да се утврди дали е ментално способна да даде согласност за MAiD, погрешно одговорила на сите прашања. Лекарката ѝ ја објаснила постапката за еутаназија со нејасни изрази, притоа внимателно избегнувајќи ги зборовите „смрт“ или „умирање“.

Ѝ објаснуваа со зборовите: „Ќе Ви дадеме лек и ќе почувствувате мир. Нема да имате празнење на цревата“. Ѝ кажаа дека повеќе нема да чувствува болка, раскажува внуката.

Кранендонк додава дека нејзината баба, родена во Германија, не разбирала што ѝ се кажува, бидејќи имала сериозно оштетен слух и англискиот не ѝ бил мајчин јазик.

Два дена пред постапката, кога Кранендонк ја прашала својата баба: „Дали знаеш дека ќе умреш во петок?“, таа гласно плачела и повторувала: „Направив грешка“.

Старателката вели дека сè уште не ги добила на увид документите на кои нејзината баба ја дала конечната согласност за својата смрт.

Канада, по Холандија, ја има највисоката стапка на еутаназија во светот. Во 2024 година преку програмата MAiD биле усмртени 16.499 лица, односно 5,1% од сите смртни случаи во Канада.

22 септември 2026 - 16:07