Месецов НАТО има самит во Мадрид кој уште од сега е прогласен за најтрансформирачки собир од времето на Студената војна, и, како што пишува Сајмон Тисдал во Гардијан, уште од сега може да се очекува изобилие на меѓусебни честитки меѓу членките за тоа како се обединиле за да го заштитат „слободниот свет“ од руска агресија.
За Тисдал сето тоа е во ред, меѓутоа остануваат големи прашања.
- Во март Џо Бајден, де факто шефот на НАТО, во Полска вети дека ќе ја одбрани секоја педа на НАТО територија. Месеци подоцна тој останува неподносливо непрецизен за долгорочниот исход од војната.
- Слично општ е и британскиот министер за одбрана, Бен Волис, кој предупредува дека Русија би можела да ги нападне екс советските балтички републики, меѓутоа и тој нема некој јасен план за тоа како да се осигура дека независна Украина ќе преживее.
- Иако најдиректните европски НАТО соседи беспоштедно ја помагаат Украина, најголемите европски НАТО членки „се кријат зад алијансата која претходно ја напаѓаа и запоставуваа, избегнувајќи да му дадат на Киев скапи национални ветувања кои би можеле да ја разгневат Москва“.
Списокот забелешки што Тисдал ги има за НАТО лидерите почнува со Макрон и Шолц, дека првиот повеќе сака да зборува отколку да дејствува, а вториот дека е станат „олицетворение за двоумење и одложување“. Орбан го наведува како НАТО членка што често пати изгледа како да игра за другата страна, а Ердоган го поткопува обединетиот фронт (приемот на Шведска и Финска) во име на исклучиво лични интереси.
За разлика од почетокот на војната, раководството на Украина речиси се откажа од надежта за членство „кое и беше ветено на НАТО самитот 2008 во Букурешт“.
„Зошто НАТО не прави повеќе? Земено сè заедно, целото рационализирање и оправданија за пасивноста и неактивноста создаваат слика на алијанса која е далеку помалку обединета, моќна и организирана отколку што нејзините симпатизери мислат дека е.
Првичната поддршка за Украина, иако на дистанца, му даде нова сила на НАТО. Неговите акции се кренаа од најниската точка од минатогодишниот дебакл со повлекувањето од Авганистан.
Меѓутоа, ако војната продолжи, како што се очекува, ако двете страни станат очајни, ако дипломатскиот ќорсокак се продлабочи, и ако заканите за поширок конфликт се зголемат, тогаш слабостите и ранливостите на НАТО за кои долги години не се зборува ќе станат поочигледни и поопасни за оние кои се кријат зад неговата заштита.
Пост-советскиот блеф на НАТО може конечно да е готов.
Би било нереалистично да се очекува политичка едногласност во така голема организација. Меѓутоа фактот дека секоја земја членка има еднаков глас кога, во смисла на воен капацитет, се така апсурдно нееднакви, го попречува брзото и храбро носење одлуки.
На пример руска нуклеарна или хемиска провокација, најверојатно ќе доведе до парализирачка какофонија на конфликтни гласови во рамките на НАТО, нешто што Путин сигурно го знае.
Во исто време, постои огромна зависност од САД, воена суперсила без чија согласност ништо не се случува и зад чија моќ се кријат колебливите, одбивајќи да го изодат својот пат,“ пишува Тисдал.
Тој има и „организациски и воени“ забелешки за НАТО. Прво тоа што организацијата има три главни штаба, по еден во Италија, Холандија и САД, но главниот генерал на НАТО е сместен во Белгија.
„Фали компатибилност на вооружените системи на различни држави, како и заеднички вежби, набавки и споделување разузнавачки информации.
НАТО се повеќе е растегнат, фатен од руската закана во евро-атлантската област и предизвиците од агресивно експанзионистичката Кина во Индо-пацификот.
Во Мадрид се очекуваат и лидерите на Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд. Нивниот кошмар е тоталитарна Кинеско-руска глобална оска без ограничувања која потсетува на Германско-Советскиот пакт од 1939,“ објаснува Тисдал.
Неговиот совет е дека за НАТО да напредува на фронтовите кои си ги има зацртано (тероризам, климатски промени, сајбер напади...) организацијата ќе мора да погледне наназад, да ги признае минатите грешки и да прифати некаква одговорност за сегашната криза.
„По колапсот на СССР во 1991, НАТО застана. Како фудбалски навивачи кои влегуваат на терен пред последната свирка, тие мислеа дека сè е готово. Меѓутоа не беше и не е.
Сега Путин лупа по штитот, и го тестира целиот Запад. Ако нивниот пристап на избегнување ризици не се промени, наскоро нема да има каде да се кријат.
Дали НАТО повторно ќе разочара?“ прашува Тисдал.