
Министерството за земјоделство на САД укина грант од 600.000 долари, за проект што опфаќал проучување на материјали за хигиена на менструални циклуси кај трансродови мажи.
Грантот бил доделен на Факултетот за земјоделство и механика на Јужниот Универзитет во Луизијана.
Во воведот, покрај општите дефиниции кога се појавува и кога завршува менструалниот циклус кај жените, спомнати се и мажите што си го промениле полот.
Важно е да се истакне дека може да менструираат и трансродовите мажи и луѓето што се идентификуваат како машки, меѓуродови и небинарни лица. Во секој момент менструација имаат 26 отсто од светското население, пишува во описот на проектот.
Во фокусот се истражување материјали за хигиенски влошки од регенеративен памук, регенеративна волна и индустриски коноп.
Грантот требало да важи до април 2027 година. Тој е еден од издвоените 340 сомнителни проекти во вкупна вредност од 128 милиони долари што биле финансирани од администрацијата на Џо Бајден.
Државниот секретар Марко Рубио, во меѓувреме, објави дека во рамките на кампањата за кастрење непотребни федерални трошоци до понеделникот официјално биле поништени 83% од сите договори за американска помош во странство, преку програмата УСАИД.
Поништени се 5.200 договори на кои се потрошени десетици милијарди долари на начин што не им служи (а во некои случаи им наштетува) на основните национални интереси на САД, порача Рубио.
Преостанатите проекти, околу 1.000, ќе бидат управувани од Стејт департментот. Не е јасно дали сите ќе преживеат.