
Големиот американски хуморист Џош Билингс еднаш има кажано:
„Постојат луѓе кои се толку навикнати да претеруваат, што ни вистината не можат да ја кажат без да излажат“.
Тоа може да биде шармантно кај некој што раскажува гачки и анегдоти, но за претседател на една таква земја каква што е Америка, може да биде опасно.
Освен тоа што ловечки претерува во своите изјави и ветувања, Доналд Трамп знае и да лаже без око да му трепне. На страницата на Википедија за лажните изјави на Трамп, пишува:
„Доналд Трамп изнесе десетици илјади лажни или погрешни тврдења, за време на неговиот прв и втор мандат како претседател на Соединетите Американски Држави“.
Се забележува дека проверувачите на факти од „Вашингтон пост“ „документирале 30.573 лажни или погрешни тврдења за време на неговиот прв претседателски мандат, во просек по 21 дневно“.
Ваквите бројки на Трамп се без преседан. Со други зборови, лажењето е дефинирачка карактерна црта на американскиот претседател.
На пример последната епизода, кога американската војска нападна три нуклеарни капацитети на Иран. Трамп тоа веднаш го прогласи за импресивен воен успех, кажа дека капацитетите се уништени, Иран е вратен децении назад а американското ракетирање ја сопрело војната.
Подоцна протекоа разузнавачки проценки дека тоа не е баш така (види: Америка сепак не ги уништила нуклеарните локации), по што дури и републиканските политичари беа збунети.
„Не знам што да мислам,“ кажа сенаторот Ренд Пол. „Не знам, проценуваме што се случило,“ изјави Линдзи Грем.
„А што да мислиме ние, електоратот? Со доверба во медиумите на рекордно ниско ниво, се чини дека никој не знае во што да верува. Тоа е резил и не нè прави многу различни од Иран, Русија и Северна Кореја, каде што јавноста е хранета со пропаганда и лаги од нивните влади и во голема мера се држи во темнина. Не морам да ве потсетувам што се случува кога се донесуваат лоши одлуки врз основа на лоши информации.“, пишува коментатор на Чикаго Сун Тајмс.
Од друга страна, Жижек во една луцидна анализа вели дека Трамп токму овие свои слабости ги има претворено во адути.
Тоа што претерува, тоа што подлажнува и што знае да стегне зелена вон сценариото, електоратот го гледа како потврда за неговата автентичност и искреност и доказ дека не е од оние намазаните кои само ги верглаат вешто срочените пораки на оние кои од сенка ја управуваат државата.