Во времето по „брегзит-Трамп“ годината, и двете одлуки на дневно ниво се осудуваат, блатат и презираат, што никако не треба погрешно да се протолкува дека и двете немаат свои поддржувачи низ светот.
Еден од фановите на Трамп е Болсонаро, новиот претседател на Бразил, најголемата држава во Јужна Америка. На Блискиот Исток саудиските и израелските власти многу повеќе го претпочитаат Трамп отколку Обама. Во Европа, Трамп или неговата политика се идеолошки поблиски до Полска, Унгарија и Италија.
Од друга страна британскиот ужас доведе до појавување на уште неколку партии низ ЕУ кои тераат кампања за напуштање на Унијата. ЕУ анти-естаблишментот нема изгубено нешто многу на снага и покрај тоа како денес изгледа брегзит. Денес тој наоѓа разни форми на изразување од жолтите елеци во Франција, до АФД во Германија.
„Минатите преседани покажуваат дека ако започне ’популистичка ера’ таа може да трае околу три децении. Сите обиди за историска периодизација се делумно вештачки. Меѓутоа може да се идентификуваат две посебни ери во поствоената западна политика, и двете траат по околу 30 години. Периодот 1945-1975 се идентификува како период на силен економски раст на Западот, паралелно со создавањето на социјалната држава и кензијанскиот менаџмент на побарувачката - сето тоа одиграно во време на Студената војна.
Во средината на 1970-те, овој модел почнува да заглавува во англо-американскиот свет, па Британија страда од стагфлација, а Џими Картер им дијагностицираше нелагодност на САД. Новата ера (често пати нарекувана ’неолиберализам’ од нејзините критичари) започнува во 1979 со изборот на Тачер во Британија, по што следи Роналд Реган во САД во 1980,“ објаснува Гидеон Рахман во текстот за Фајненшл тајмс.
Тој наведува уште два клучни настани во тој период, доаѓањето на Денг Ксиаопинг во Кина, и распукувањето на Источниот блок со појавата на Солидарност во Полска во септември 1980.
„Оваа ’неолиберална ера’ трае околу 30 години, се додека не беше дискредитирана со глобалната финансиска криза од 2008. Како и со крајот на претходната ера, и тука беа потребни неколку години несигурност пред да се појави ново идеолошко движење.
Но тоа се случи во 2016 со изборот на Трамп и брегзит,“ пишува Рахман.
Како пример за тоа што го збори, Рахман го наведува однесувањето Орбан, Салвини и Болсонаро, кои го имитираат Трамп, осудувајќи го „глобализмот“, обвинувајќи ги медиумите за ширење лажни висти, исмејување на политичката коректност и газење на меѓународните организации кои се обидуваат да решат глобално затоплување или бегалци.