
Маламуд е тужен за пиратерија, или според обвинението за „форма на тероризам". Неговиот злостор е тоа што преку неговата веб страница public.resource.org овозможил јавен пристап до сите актуелни закони во Џорџија. Државата сака судот да му нареди на Маламуд да сопре со ваквата активност. Овој спор трае веќе неколку години, а кулминацијата се случила кога Маламуд испратил УСБ со скенираните закони до Претставничкиот дом на САД.
Но борбата на Маламуд за достапност на законите и судските документи трае веќе две децении. Главни пречки му се сојузните држави или институциите кои или сакаат нешто да скријат, или пак наплаќаат од сопствените даночни обврзници за пристап до информациите. Во случајот со Џорџија тој наводно ги прекршил авторските права не на самите закони, туку на додатоците, како толкувања или резимеа на мислењата на јавниот обвинител по некој закон, што е „оригинална и креативна работа која е заштитена со важечки закони во Џорџија".
Маламуд сепак не ја прифаќа разликата. Целиот пакет според него го претставува официјалниот кодекс на државата, а додатоците се таму за одреден закон да може целосно да се разбере. Не може да имаш слободен пристап за едното, а да плаќаш за другото. Тоа според него е како да речеш дека „може да добиеш бесплатен сендвич, ама да платиш за мајонезот, а сите сендвичи се со мајонез".