Родено име на мајката на Осама е Алиа Ганем, и како мајка таа за Гардијан својот син го опишува како „прекрасно дете кое некако по пат некако се има изгубено.“
Ганем разговорот го почнува со универзални мајчински маки „животот ми беше претерано тежок бидејќи тој постојано беше далеку од мене,“ дополнувајќи го со сопственото искуство на мајка „тој беше многу добро дете и многу ме сакаше“.
Таа со својот сопруг Мухамед ал Атас и понатаму живее во Џеда, градот во кој семејството бин Ладен живее со генерации. Семејството бин Ладен и понатаму е едно од најбогатите во Саудиска Арабија, а нивната градежна империја е одговорна за изградбата на голем дел од модерна Саудиска Арабија.
Ганем е родум од Сирија, и во 1950-те се преселува во Саудиска Арабија, а во 1957 го раѓа Осама. Три години подоцна се разведува од таткото на Осама, Мухамед бин Авад бин Ладен, и се мажи со ал Атас, тогаш управител во бин Ладен империјата. Таткото на Осама има вкупно 54 деца од најмалку 11 жени (според Википедија 56 од 22), и тој постојано се разведува од своите постари сопруги за да може да се ожени со помлади и притоа да остане во законски дозволените рамки од максимум 4 актуелни сопруги по маж.
По децении молк на Ганем и комплетното бин Ладен семејство, барањето на Мартин Чулов од Гардијан за разговор со нив е одобрено и од семејството (иако со противење на полусестрата на Осама која живее во Париз) и од властите на Саудиска Арабија. Во преговорите околу интервјуто тие не се сигурни дали „отворањето на стари рани ќе биде катарзично или штетно.“
„Но по неколку дена дискутирање, тие се подготвени да зборуваат. Кога се сретнавме на почетокот од јули, со нас во собата седеше и човек од саудиската влада, иако на ниту еден начин не се обидуваше да влијае на разговорот,“ објаснува Чулов.
Првородениот син Ганем го опишува како ученик кој одлично го совладува образованието низ сите нивоа. Некаде на почетокот на 20-те години, додека е во Универзитетот Крал Абдулазиз во Џеда тој станува радикализиран, „луѓето на Универзитетот го променија, тој станува друг човек.“
„Тој беше одлично дете се додека не запозна одредени луѓе кои речиси му го испраа мозокот на почетокот од 20-те. Ако сакаш наречи ги и култ. Тие добија пари за својата кауза. Секогаш му зборев да се држи настрана од нив, а тој никогаш не ми призна што правеше со нив, затоа што толку многу ме сакаше,“ раскажува Ганем.
На почетокот од 80-те Осама патува во Авганистан за да се бори против Советите. И покрај изразениот страв на мајка му, семејството се гордее со неговата одлука да стане муџахедин, па дури и саудиската влада заради тоа почнува да го третира поблагородно и со посебна почит.
Чулов пишува дека во овој момент од интервјуто настанува пауза и молк, додека еден од помалите полубраќа на Осама присутен во собата се обидува да ги најде правите зборови за да ја опише неговата трансформација од муџахедин во глобален џихадист, „многу сум горд на него во смисла дека ми е постар брат, тој многу ме научи. Ама мислам дека не сум горд на него како човек. Тој достигна глобална слава, и сето тоа беше за ништо.“
Ганем се вклучува повторувајќи дека Осама бил одличен на училиште и одлично дете, и дека тој тајно почнал да ги троши сите свои пари за Авганистан, под закрила на семејниот бизнис, меѓутоа таа никогаш не помислила дека тој ќе стане џихадист. Кога го дознава тоа, таа е крајно вознемирена, чудејќи се зошто тој така би отфрлил се што имал.
Семејството изјавува дека Осама последен пат го имаат видено во 1999 во Авганистан, кога два пати го посетуваат во неговата база во околината на Кандахар, сместена на аеродром што го имаат освоено од Советите.
Кога Ганем ја напушта просторијата за да одмори, еден од браќата објаснува дека 17 години по 11-ти септември таа и понатаму ја порекнува вистината околу Осама, „таа го сакаше подеднакво колку што одбива да го обвини, наместо тоа таа ги обвинува сите околу него. Таа ја знае само страната на добар син, страната што сите ние ја гледавме. Но никогаш не стигна да ја запознае неговата џихадистичка страна.“
Присеќавајќи се на деновите по 11-ти септември, Ахмад, полубратот на Осама, објаснува:
„Бев шокиран. Имав некое многу чудно чувство. Сите знаевме од старт дека е тој, уште во првите 48 часа. Од најмал до најстар, сите чувствувавме срам од него. Сите знаевме дека ќе се соочиме со ужасни последици. Цело наше семејство што беше во странство се прибра во Саудиска Арабија.“
Дома државата им изрекува забрана за патување, а семејството е испрашувано од властите.
На прашањето околу одлуката на 29-годишниот Хамза, најмладиот син на Осама, да тргне по стапките на својот татко (од минатата година САД го обележуваат како глобален терорист), еден од полубраќата на Осама објаснува:
„Таман мислевме дека сме завршиле со ова, кога го гледаш Хамза како вели ’ќе го одмаздам татко ми’. Не можам пак да минувам низ истото. Ако Хамза застане пред мене ќе му кажам ’Господ те води. Размисли два пати околу она што го правиш. Немој да одиш по стапките на татко ти. Влегуваш во ужасни предели на твојата душа.’“
Освен со семејството Чулов се среќава и со принцот Турки ал Фаисал кој од 1977 до 1-ви септември 2001 (10 дена пред нападот на Њујорк) е шеф на саудиското разузнавање. Тој зборува за два бин Ладена, „еден пред крајот на советската окупација на Авганистан, и еден потоа. Пред, тој беше многу идеолог муџахедин, но не беше борец. Тој сам призна дека се има онесвестено за време на битка, и кога се разбудил, советскиот напад на неговата позиција бил спречен.“
Турки е човекот кој контактира со бин Ладен по неговото заминување од Авганистан во Судан, што станува основа за сериозни реперкусии и притисок во Саудиска Арабија по нападите од 11-ти септември.
Тој се обидува да ја направи истата разлика што и полубратот на Осама сакаше да ја истакне, онаа меѓу муџахедин и џихадист. Турки признава дека саудиската држава знаела за патот и борбата на Осама против Советите во Авганистан, и како тој искористил мал дел од богатството на своето семејство за да стекне влијание во муџахедински кругови. Но кога Осама се враќа во Џеда, по поразот на Советите, тој е поинаков човек.
„Тој разви пополитичко однесување отколку она во 1990-те. Тој сакаше да ги истреби комунистите и марксистите од Јемен. Имавме средба и му реков дека е подобро да не се меша во тие работи. Џамиите во Џеда го користеа авганистанскиот пример. Тој ги подбуцнуваше саудиските верници. Му беше кажано да прекине.
Имаше покер израз на лицето. Никогаш не се мрштеше ниту се смееше. Во 1992, 1993, имаше огромна средба во Пешавар организирана од владата на Наваз Шариф (премиерот на Пакистан), на која беше испратен повик за муслиманска солидарност, да се присилат присутните муслимански лидери да престанат да се борат еден против друг. И таму го видов. Ни се сретнаа очите, но не зборувавме. Тој не се врати во Саудиска Арабија. Продолжи во Судан, каде што имаше изградено бизнис со мед и финансираше автопат.
Тој испраќаше изјави до сите. Многу критикуваше. Обидите на неговото семејство да го разубедат беа неуспешни. Неговото чувство веројатно беше дека не е доволно сериозно сфатен од владата,“ објаснува Турки.
Во 1996 Осама се враќа во Авганистан. Саудиската влада се обидува да го разубеди и да го врати, но неуспешно. Самиот Турки патува во Кандахар за да се сретне со тогашниот лидер на талибанците кој иако не го одбива неговото барање за депортација на Осама, сепак објаснува дека човекот многу помогнал во борбата против Советите. Две години подоцна Турки се враќа во Авганистан и повторно е на средба со лидерот на талибанците, кој овој пат со многу порешителен тон и однесување одбива да помисли за какво било предавање на бин Ладен на Саудијците. На заминување, Турки го предупредува својот домаќин дека Осама ќе предизвика многу страдање на авганистанскиот народ.