Откако портпаролот на Кремљ Дмитри Песков рече дека не знае ништо за таков повик, некои медиуми ја демантираа веста.
Но ни веста ни демантот не ја допираат суштината на темата. Таков неслужбен повик постои но е стар најмалку една година и нема врска со нуклеарна војна туку со дисциплинирање на новата руска елита.
Се работи за препораки кои се однесуваат на високи државни службеници чие напредување во кариерата би можело да биде доведено во прашање ако семејствата им се надвор од Русија. Во случаи кога работодавец е државата, а таа се посомнева дека кандидатот својата иднина ја гледа во странство, тоа би било пречка за вработување. Водејќи се од логиката дека срцето е таму кај што ти е фамилијата, државата сака во служба да ги прими или задржи само оние за кои е сигурна дека и се сосема посветени.
На таа тема говореше и Путин:
"Што се однесува до службениците кои се лекуваат во странство, тоа е ист проблем како оние кои имаат банкарски сметки надвор. Не е забрането но со тоа се покажува сомнеж во сопствениот банкарски систем. Исто важи и за образованието на децата. Државните службеници мора да создаваат услови како да ги подобруваат нашите системи и овде да создаваат подобри услови за образование, здравствени услуги и друго. Се разбира, тоа е морален избор и не мислам дека нешто посебно треба да се пропишува и забранува".
Ќерката на Сергеј Лавров која дипломираше на Универзитетот Колумбија, во Русија се врати пред две години, синот на Медведев студира во Москва a ќерката на министерот за одбрана е државен службеник. Но има и поинакви примери, како со човекот од почетокот на текстот: ќерката на Песков живее во Париз а син му е во Лондон.
Сепак, на Путин и Кремљ им останува битно да го сменат имиџот на руски службеник со вагон пари и семејство во странство и со примери да покажат дека оф-шор аристократијата веќе не е кул.