Нео-нацистичките вредности некогаш спакувани во допадливи и певливи рок песни германските власти ги сметаат како капија низ која младите најлесно влегуваат во дворот на екстремистичките политички погледи.
Затоа планираат да развијат софтвер кој по углед на најпрепознатливиот бренд за препознавање музика, Шазам, ќе може да им ја олесни работата на надлежните за време на концерти, собири или на радио или веб.
Ќе се користи тн. аудио отпечаток кој за кратко време автоматски детектира дали некоја песна се наоѓа на листата непожелни песни кои пропагираат екстремни, насилнички, расистисчки, анти-семитски и слични ставови.
Во моментов надлежниот борд за медиумска заштита на малолетници има индексирано 1.090 такви песни. Само минатата година се додадени 79 нови песни кои не смеат да се пуштаат.
Властите во САД веќе имаат своја, позагрижувачка Шазам верзија. Нивниот систем, распореден во Оукленд кој се состои од серија микрофони поставени низ целиот град има задача да го слуша целиот надворешен аудио спектар и со помош на алгоритми да ѝ сигнализира на полицијата во кој дел од градот има пукање од огнено оружје. Практично, полицијата слуша сè, само треба да ѝ верувате дека ја занима единствено пукањето.