„Во оваа благословена ноќ од овој благословен месец (Рамазан) се присетуваме како Господ вели: Ако човек прости и се помири, нему му следува награда од Алах. Затоа, ние, синовите на маченикот Џамал Кашоги барајќи награда од семоќниот Господ, објавуваме дека им простуваме на оние што го убија нашиот татко,“ напишал Салах, синот на Џамал, на Твитер.
Познавачите на тамошното право објаснуваат дека прошката од семејството ја олеснува тежината на казната на петмината осудени на смрт, меѓу кои има и двајца блиски соработници на принцот Мухамед бин Салман.
„Ова во основа значи дека убијците ќе ја избегнат смртната казна бидејќи (според шеријатот) семејството има право да прости,“ изјавил аналитичарот близок до саудиската влада Али Шихаби.
Џамал Кашоги последен пат е виден жив како влегува во саудискиот конзулат во Истанбул, каде оди за да подигне документи за неговата претстојна свадба. Според турските власти, кои на светско ниво беа најревносни во разоткривање на целиот случај, новинарот во конзулатот прво бил задавен, а потоа неговото тело било искасапено од тим составен од 15 Саудијци. Неговите останки никогаш не се пронајдени.