Сексуално вознемирување е дозволено, сè додека продуктивноста не опаѓа

Службеничка од Њу Орлеанс, отпуштена поради долга историја на сексуално малтретирање на своите колеги, е вратена на местото на злосторствата. Градските власти оцениле дека не можат без неа, бидејќи им паднала продуктивноста. Жртвите ќе мора да ѝ простат и да продолжат да трпат. Фали уште некој да се сети да ангажира сексуални предатори за да поттикне поголема продуктивност. 

Сексуални напади врз колеги на работното место се помало зло за заедницата од падот на продуктивноста на градските служби. Така барем процени Комисијата за јавна служба на Њу Орлеанс, која нареди да се врати на работа Лора Џонсон, локална шефица која лани била отпуштена поради сексуални вознемирувања на колеги во изминатите 11 години. 

Не само што не ѝ ја оспоруваат одговорноста, туку директно ја потврдуваат во новата одлука, но заклучуваат дека „без неа паднала продуктивноста“. 

Градскиот совет го понесе својот товар кога потврди дека госпоѓата Џонсон учествувала во случаи на несоодветно однесување во период од 11 години... Но поплаките за нејзиното однесување го нарушија ефикасното работење на канцеларијата на Советот, констатира Комисијата.

Жртвите на Џонсон уште повеќе се загрозени поради тоа што во извештајот биле објавени и имињата на вработените што ја пријавиле. Студија покажува дека дури 75% од жртви на напади на работните места се соочиле со одмазнички вознемирувања. Објавувањето на имињата се толкува како тактика за да спречат пријави во иднина.

Оваа одлука ќе има застрашувачки ефект врз секоја жртва која размислува дали да пријави насилство на работното место. Градот Њу Орлеанс не може да тврди дека се грижи за жртвите од сексуален напад сè додека отфрла сериозни обвинувања во име на ефикасноста на работниот процес, изјави претседателот на Градскиот совет, ЏП Морел.

17 април 2025 - 10:26