Секој втор ден во Лондон пламнува по еден електричен точак или скутер

Електрични скутери и велосипеди, популаризирани како „чисти“ и практични средства за превоз, не само што создаваат хаос по улиците и пешачките зони, туку се и буквално темпирани бомби што пукаат сами од себе. Проблемот се батериите што ако се прегреат при полнење може да експлодираат со силен оган и токсичен чад. Лани загинале три лица и стотина биле повредени.

Пожари предизвикани од експлозии на електрични велосипеди или скутери во Лондон веќе има речиси секој втор ден, предупреди шефот на градската противпожарна бригада по интервенција во запалена зграда.

Пожарникарите итно евакуирале 50 луѓе, а 11 биле задржани на болничко лекување. Пожарот во Бетнал Грин бил предизвикан од експлозија на литиум-јонска батерија. Огнот за 10 до 15 секунди може да уништи цела соба.

Противпожарниот комесар Ричард Филд вели дека по 2023 година зачестило пламнувањето на електрични скутери. Тие сега се ризик што најбрзо се зголемува. 

Низ Британија се користат повеќе од милион електрични скутери. Лондонската противпожарна бригада лани интервенирала при 142 пожари предизвикани од електрични велосипеди и 29 од е-скутери. Загинале три лица, а повеќе од сто биле повредени.

Пожарникарите апелираат луѓето да ги чуваат електричните скутери на отворено, да користат правилни полначи и да не ги преполнуваат батериите. Полнењето треба да биде под надзор и редовно треба да се проверува дали има испакнатини на батериите. Чадењето или смрдеата од батеријата е последната тревога пред експлозија.

Се разгореа и дискусиите за регулирањето. Лондонското метро забрани внесување модели што не можат да се склопат. Откако електричен велосипед експлодирал на платформа во метрото, синдикатот на машиновозачите организираше протестен штрајк.

Нема оправдание за загрозување на патници и вработени во подземната железница од потенцијално експлозивни направи, објави синдикатот.

Најризични се половните е-велосипеди или е-скутери што се репарирани со нестандардни делови купени преку интернет. Такви најчесто ги користат луѓето што разнесуваат храна или пакети, кои поминуваат голема дневна километража. 

***
Види и:
Електричните скутери не се ни приближно еколошки како што ги мислите

18 април 2025 - 15:45