Саудиска Арабија прати инфлуенсерка на долгогодишна робија

Амнести интернешенел неодамна за'ржа кон Саудиска Арабија барајќи да ја прекинат репресијата врз слободата на изразување и веднаш да ги ослободат сите неправедно приведени поради изразување на нивните ставови, вклучително и изразување поддршка за правата на жените. Еве, одма ги послушаа: „погрешно облечена“ фитнес инфлуенсерка пратија на 11 годишна робија.

Со писмо до Обединетите нации, Саудиска Арабија потврди инструкторката по фитнес која беше популарна на интернет добила 11-годишна затворска казна, притоа не прецизирајќи ниту едно од нејзините наводни „терористички престапи“.

29 годишната Манахел Ал Отаиби се наоѓаше во затвор од ноември 2022 година и беше држена на непознати локации. Се најде на удар на чуварите на моралот и заврши пред специјалниот суд за тероризам затоа што објавуваше селфија и видеа во „непристојна облека“и пишуваше за женски права и против козметичките реформи кои Саудиска Арабија ги прави на тоа поле.

Манахел се дрзнуваше да објавува видеа како оди на шопинг без да носи „абаја“ (тоа шаторското крило) и беше особено против задолжителната машка придружба на жените кои шетаат надвор.

Неодамна протече нацрт кривичен закон на Саудиска Арабија, прв пишан документ за пенална политика (покрај шеријатскиот закон) за кој Амнести оцени дека ќе донесе дополнителни последици по положбата на жената.

Во тој нацрт закон, на пример, се дава имунитет од кривично гонење на сторителите на таканаречените „злосторства од чест“, не се криминализира брачното силување ама затоа се криминализира сексот надвор од брак.

Ако е за утеха, некои од сличните случаи на фитнес инструкторката завршуваа со затвор од 25 или 47 години. За перверзијата да биде целосна, Саудиска Арабија скоро беше назначена за претседавач на форум на ОН за правата на жените.

1 мај 2024 - 18:21