Со голема ПР помпа, американскиот петрохемиски гигант Доу лани објави дека заедно со владата на Сингапур започнуваат проект за рециклирање обувки. Погодни за рециклажа било оние со гумен ѓон, што тие подоцна механички ќе го сомелат и ќе го искористат материјалот за правење патеки за трчање, катчиња за фитнес и игралишта за деца.
Оваа програма со благородна еколошка кауза, под слоганот „Каде што други гледаат стари чевли, ние гледаме иднина“, требало депониите да ги олабави од 170.000 пара износени обувки годишно.
Екипа на Ројтерс сакала да провери дали и како шемата работи. Земале пар стари Најк патики и им вметнале ГПС тракер, кој овозможува да се следи патот на донираните патики од почеток до крај.
Набрзо ги нашле Најките во секонд-хенд продавница во Индонезија.
За да проверат да не се работи за случајна грешка, донирале уште десет пара со скриени ГПС уреди, кои ги разнеле по разни пунктови низ Сингапур. Ниту еден пар не завршил во единица за рециклажа. Четири пара завршиле на бувљак, во три случаи тракерот престанал да дава сигнал по влезот во Индонезија.
Речиси сите прво завршувале во едно складиште за половна стока во Сингапур. Фирмата која го поседува складиштето нема врска со рециклажа туку со трговија на текстил и обувки. Накратко, откупуваат облека донирана во добротворни цели и ја продаваат во земји во развој како Малезија, Тајланд и Индонезија.
Во претходните, пилот-фази на проектот, биле собрани 25.000 односно 75.000. Засега, ниедно игралиште не е изградено од рециклираните ѓонови, ама, некои ќе се изнаносат патики.