
Згрозен од профилот полн со невистини што му го направил системот ЧетГПТ, Норвежанец вложил официјална жалба за клевета и бара од властите да ја казнат компанијата „Опен АИ“ што овозможила нејзиниот четбот да шири лажни информации.
На его-прашањето „Кој е Арве Хјамлар Холмен?“, апликацијата со вештачка интелигенција одговорила дека „тој е осуден на 21 година затвор поради убиство на сопствените синови во Трондхајм во декември 2020 година“. Холмен во реалноста никогаш не бил обвинет, но навистина е од Трондхајм и има два сина.
Во жалбата на Холмен до Норвешката агенција за заштита на податоци тој го оценува одговорот како „клевета“, бидејќи покрај целосно фабрикуваните информации содржи и вистинити елементи за неговиот живот, како родниот град и возраста на неговите деца. Идентичен лажен одговор можеле да добијат сите што ќе ја прашале алатката за него.
На жалбата се приклучи и групата за дигитални права Нојб, која додава дека одговорот на ЧетГПТ не само што му го нарушил угледот на Холмен, туку и предизвикал „сериозни последици врз неговата приватност и личен живот“.
Вештачките интелигентни системи како ЧетГПТ функционираат преку анализа и синтеза на огромна количина податоци што се достапни на интернет. Системите понекогаш генерираат лажни информации – феномен познат како „халуцинации на ВИ“. Во случајот со Холмен, криминалниот случај во кој наводно бил вмешан е целосно измислен, зашто таков случај немало во Норвешка.
Инцидентот повторно ја отвора темата за ризиците од користењето на вештачка интелигенција во секојдневниот живот, особено кога се работи за чувствителни информации.
„Опен АИ“ објави дека грешката е „надмината“ и дека „угледот на Норвежанецот повеќе нема да биде нарушуван.
Но, случајот веќе доби меѓународно внимание, што може да поттикне и други регулаторни тела низ светот да преземаат превентивни мерки или да ги заострат казните за да не се повторат слични инциденти.
Види и ова:
Од што сака да се прави паметна, вештачката интелигенција почнува да лаже