Пратеничко прашање на денот

Конгресмен од Тексас праша дали надлежните служби и институции можат да сторат нешто за да ја сменат орбитата на Земјата и на Месечината, за подобро да се справиме со климатските предизвици. Во неверување што ги прашува, претставник од службите признал дека ќе му требаат дополнителни консултации за одговор а од спротивната партија му рекоа дека ќе ja прашаат Капетан Марвел. 

На конгресно сослушување на претставници од американската шумска служба, републикански конгресмен од Тексас сугерирал дека е можно да се цимнат Земјата и Месечината од своите траектории и прашал што може да направи шумската служба во тој поглед.

„Од највисоки извори во НАСА сум информиран дека утврдиле дека месечевата орбита малку ја сменила орботата а тоа важи и за кружењето на Земјата околу Сонцето. Знаеме дека постои интензивна соларна активност и ме занима што може Шумската служба да стори во врска со промената на орбитите. Јасно ви е дека тоа би имало битен ефект врз климата,“ мудро констатирал Луи Гомерт.

Низ насмевка, претставничката на службата му рекла дека би сакала дополнително да се консултира за да му даде одговор.

„Добро, но ако смислите начин како Шумската служба може да ја изведе таа промена, би сакал да знам“, возвратил Гомерт.

Брзо потоа, негов колега од редовите на Демократите, на Твитер предложи Капетан Марвел да се повика во помош и рече дека е подготвен да подржи двопартиска резолуција со која ќе се бара овој супер-херој да притрча во помош.

Инаку, суптилните промени на орбитите од кружни кон елипсовидни за кои разбрал-не доразбрал конгресменот се познат феномен, но се работи за промени кои се случуваат во период од 100.000 години. Во науката се познати како „круговите на Миланковиќ“ во чест на српскиот астроном Милутин Миланковиќ кој прв постави хипотези за тоа. 

Луи Гомерт е поранешен судија.

10 јуни 2021 - 10:28