На оптимизмот му е потребен јак ПР

Секој шести човек е огорчен. Многумина се уплашени за својата егзистенција, се чувствуваат дискриминирани и отуѓени па дури и богатите стравуваат дека ќе станат жртви на системот. Така светот влегува во 2025-та година, со изгубен оптимизам и верба дека ќе биде подобро а политичката поларизација која беше лоша, е заменета со нешто полошо: сега секој е само за себе.   

Секоја година, индустријата за односи со јавноста со нетрпение го очекува извештајот на Еделман, кој им дава вреден увид во тоа во каква состојба е довербата на потрошувачите, највредната валута на компаниите. 

ПР професионалците ги чека тешка година. Навлезени сме во ера на широко распространето незадоволство и пад на довербата и во институциите и во компаниите.

Или, како што убаво кажа главниот извршен директор на Еделман, Ричард Еделман, „економските стравови метастазираа во огорченост“. Шест од десет испитаници се чувствуваат така.

Се разбира ПР-овците не се виновни на геополитичката неизвесност и климатската криза но на нив ќе падне товарот од тие проблеми за враќање на довербата кај потрошувачите и будењето на оптимизмот.

Истражувањето кое се спроведува 25 години опфатило 33 илјади испитаници од 28 земји. Податоците укажуваат на промена во заедничкото расположение; долгогодишната политичка поларизација е надмината, но со нешто полошо -  агресивно бранење на исклучиво лични интереси.

Тоа е видливо и во резултатите од политичките избори ширум светот; граѓаните го кренаа својот глас против бизнис секторот,  естаблишментот и богатата класа. Бизнис секторот на Запад дополнително е на удар поради прифаќање на воук иницијативите како оние за диверзитет, еднаквост и инклузија, кои го заменија мерит системот на вреднување.

Освен огорченоста од економските неправди, растат и чувствата за дискриминираност и отуѓеност. Дури и оние со високи приходи стравуваат дека ќе станат жртви на системот.

Загрижувачки е што три четвртини од испитаниците се плашат дека нивната плата нема да биде во чекор со инфлацијата, дека ќе ја загубат работата поради технологијата на вештачка интелигенција или автоматизацијата што произлегува од технолошките иновации (58 проценти од вработените) и дека глобалните економски спорови негативно ќе се одрази на нивната егзистенција (62 проценти).

Оваа огорченост, се разбира, не падна од Марс, туку е резултат на долгогодишно акумулирано незадоволство. А 2025-та е годината во која дојде последната капка.

Главниот заклучок е дека има хроничен недостаток на верба во иднината. Само една третина од глобалните испитаници веруваат дека на следната генерација ќе ѝ биде подобро, а во западните демократии тој процент е под триесет проценти. Во Германија, земја на која овде со восхит се гледаше толку многу децении, само 14 отсто од испитаниците веруваат во подобра иднина, а во Франција тој процент е само девет отсто.

Треба да најдеме начин некако да ги утешиме и охрабриме.

 

31 јануари 2025 - 11:10