Позитивното размислување како спас за животот беше промовирано преку најразлични книги кои станаа глобални бестселери, филмови и предавања на луѓе кои требаше да ви кажат како подобро да живеете.
Затоа што за Германецот е природно да верува дека работа ќе му го подобри животот а не убавото мислење, двајца тамошни психолози во 2002-ра започнуваат истражување на темата. Тие собрале група тазе дипломирани Германци која требала да каже дали има или не "позитивни мисли, слики и фантазии за транзицијата од студент во редовно вработен човек." Две години подоцна тие повторно ја собираат групата за да видат како стојат во однос на нивните ставови од минатото. Излегло дека луѓето кои имале попозитивни ставови и предвидувања за иднината аплицирале на помалку работни места, добиле помалку понуди за работа и заработуваат пониска плата.
Причината зошто позитивното размислување не функционира е затоа што претставува пречка кога ќе се обидеш нешто навистина да направиш.
"Проблемот е што со позитивното зборување ти се храбриш самиот себе, меѓутоа во себе и понатаму чувствуваш основна недоверба во изјавата што ја повторуваш, што може повеќе да ти наштети отколку што ќе ти помогне. Со ова само ги засилуваш негативните ставови кон самиот себе, бидејќи многу е веројатно дека нема да го оствариш успехот кој го очекуваш.
Всушност ако сакаш да бидеш посреќен и попозитивен, ќе треба да речиси редовно да си кажуваш 'не' на самиот себе," објаснува авторката Каролина Адамс Милер, според која за да се дојде до посакуваните резултати потребно е некогаш да имаш и негативни искуства.
Друга причина е што храбрењето на самиот себе не бара никаков труд, ама за да постигнеш нешто треба многу работа.
"Законот на привлечноста (бестселер на тема позитивно размислување) од равенката ја вади идејата за напорна работа, и прави луѓето да се чувствуваат како нешто да им следува.
(Зборувајќи за концептот на цврстина кој е чест во позитивната психологија Милер објаснува) Цврстина е способноста да станеш повторно и повторно, или истрајноста во смисла на долгорочна цел. Ако не создадеш одредена работна етика, на крај ќе завршиш неспособен да оствариш голем дел од тешките работи кои те чекаат. Успешните луѓе развиваат етика дека напорно ќе работат на нешто за да направат тоа да се случи. Законот на привлечноста го трга на страна концептот на цврстина, и наместо тоа алудира дека ако нешто навистина го сакаш, тогаш може да го добиеш тоа," појаснува Милер.
Инаку како една од најголемите мани на целата идеја за позитивно размислување е дека неговите резултати не се само внатрешни, туку тие исто така се и материјални. Односно, дека ти можеш да создадеш некакво богатство со самото тоа што ќе мислиш на него.
"Истражувањата се доста јасни, дека парите и имотот не носат среќа. Најсреќните луѓе на светот се благодарни, алтруисти и поврзани со други луѓе - што се работи кои парите не можат да ги купат. Среќата е само нуспроизвод за овие работи," изјавила Милер во своето објаснување дека среќата нема врска со материјалниот успех.