Офсајд гледанка

Филмска сторија за „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“

Југославија е единствениот кошаркарски, а можеби и кој и да е друг спортски тим во историјата, кој има освоено злато за земја која во тој момент повеќе не постои. Уникатна и болна вистина, повеќе од доволна за документарец, кој денеска радо би го гледале и тоа само 12 часа откако се вративме од премиера.

На 6 септември објавивме трејлер за филм во кој на само тројца од плејадата великани кои учествуваат, презимињата им се Дивац, Кукоч и Раѓа. Првата мисла во глава беше: Ова кога ќе оди кај нас? 

Околу три недели подоцна Офсајд се најде во МОБ на Премиерата на филмот, кој се емитуваше во склоп на отворањето на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова”. Големо фала до Илина - Букбокс за картите. Цепелин ни намести.

Сторијата за овој филм не подразбира генерации. Постарите добро ја паметат, бидејќи им ги буди вечните емоции за тоа колку беше силна, непобедлива и неповторлива таа генерација.  Плус секогаш им ја враќа дилемата за тоа дали ќе успееше да го скроти најсилниот американски дрим тим на Олимписките игри 1992, предводен од Мајкл Џордан и Меџик Џонсон?

За помладите, оваа приказна е задолжително четиво раскажано во 80 минути, ставено на филмско платно, благодарение на наградуваниот хрватски режисер Јуре Павловиќ, а во меѓународна копродукција на Србија, Хрватска, Италија и Словенија. Имал само 6 години кога се случувала вистинската приказна.

„Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“ е филм за единствениот и речиси неповторлив пример: Некој да се поти и да пее химна на земја која престанува да постои. Додека кошаркарските јунаци држат час по кошарка, во финале ја победуваат Италија среде Рим и освојуваат златен медал, дома им се случува хорор кој се вика војна.

Истите јунаци ќе ги видите на едно место, 30-тина години постари со емоции и тага на лицата, потсетувајќи се низ што се поминале за време на тоа Европско првенство во 1991 година.

Цела екс ју дружина ја има во филмот, а тоа е нивен белег уште од времето кое им било водич: заедништво, другарство и единство, спортски и победнички дух, од собир на појадок, на паркет, па до легнување.

Од Владе Дивац, Тони Кукоч, Дино Раѓа, Жарко Паспаљ, Велимир Перасовиќ до Јуриј Здовц, Зоран Сретеновиќ, Александар Ѓорѓевиќ, Предраг Даниловиќ, Зоран Савиќ, Зоран Јовановиќ. Нивните сведоштва поткрепени со архивски снимки е движечка сила на филмот.

„All together“, како што вели легендарниот Дуда Ивковиќ. Човекот кој ја предводеше оваа златна генерација до три златни медали, остварени со целосна доминација во низа: ЕП 1989, СП 1990 и ЕП 1991. Серија која сигурно ќе продолжеше ако не дојдеше до распад на шесте републики споени во едно.

„Ние не јадевме поделени во групи, туку на една маса, па макар била таа за четворица. Се пикавме сите еден друг, само да сме заедно“, сведочи Словенецот Јуриј Здовц, кој се соочи со тежок телефонски повик и голема неправда.

Му се јави директорот на неговиот клуб, Олимпија Љубљана, дека пожелно е да го напушти првенството и да се врати дома, со образложение дека Југославија станала агресивна спрема Словенија. И тоа пред полуфиналето со Франција, момент кој внел немир и разочарување кај сите.

Отпатувале за Италија, без никакво предупредување дека е можно едно вакво сценарио: да се вратат дома како европски прваци, но наместо со величествен пречек и славење со маса на луѓе, тие начекаа празни аеродроми, запалени куќи, па уште и жртви. Кога Југославија го кренала пехарот, Словенија и Хрватска веќе прогласиле независност.

Со тоа згасна еден од најмоќните кошаркарски колективи во историјата, која имаше посебен култ и која никогаш не престана да биде тема за муабет кај сите фанатици за спорт.

„Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“ е филм што мора да го изгледаат сите што ја сакаат кошарката и го ценат чувството на гордост што го носи секоја победа. 

Овој филм не е само за кошарка, туку филм за животот, трпението, разбирањето, единството и емоциите што ги носат успесите, но и неправдите. Филм за генерација која играше за историја, а не само за медали.

Филип Нацоски

29 септември 2025 - 13:47