Испраќач: Калид Шеик Мохамед
Повратна адреса: Гвантанамо беј
Содржина на писмото: непозната
Непозната треба и да остане, смета првиот човек на Пентагон за воени злосторства, кој бара писмото да не дојде до јавноста бидејќи се работело за обичен пропаганден памфлет.
Напишано е во 2014 година, но затворските власти досега го држеа во фиока. Го пуштија по налог од судот, кој инсистира Обама да го прочита писмото пред да стане обичен граѓанин.
Калид Шеик Мохамед се смета за мозокот што стои зад терористичките напади во Њујорк, Пентагон и Пенсилванија, во кои загинаа близу 3.000 луѓе. Во Гвантанамо е, каде што чека судски процес, кој може да заврши со смртна казна.
По пижами беше уапсен во далечната 2003 година во едно пакистанско предградие, по што бил подложен на стандардните техники на испрашување (вотербординг и сл.) што резултирало со признание за многу од делата за кои се товари.
Во оцрнувањето на неговиот лик (како да е потребно дополнително оцрнување), американските медиуми наведуваат дека Калид Шеик Мохамед е изгорен за внимание. Прво, барал на рочиште да оди во маскирна униформа. Второ, криел бобинки од храната за да си ја вапца брадата во портокалово. Трето, листал магазини (?) додека судијата му зборувал.