"Брегзит ја претвори приквечерината на владеењето на Елизабета Втора во последното заглавие од историјата на Велика Британија. Она што неговите поборници, прославувајќи со веење знамиња на улиците, низ солзи го нарекуваа 'Ден на независноста' ќе стави крај на улогата што Англија ја имаше од 16-от век како светска сила, заедно со владеењето на лондонското Сити како финансиска престолнина на светот.
По доаѓањето на тронот на Елизабета Прва во 1558, нејзините трговци-истражувачи го започнаа империјалниот поход. До раѓањето на Елизабета Втора, британската империја се простираше на речиси една четвртина од планетата.
Брегзит фантазијата за воскреснување на големината - 'враќање на контролата' - ќе го постигне токму спротивното. Желбата на Англија да се повлече од нејзината унија со Европа изгледа како да го направи неизбежно евентуалното повлекување на Шкотска од унијата со Англија. Исто така фрли сомнеж на статусот на Северна Ирска, каде мнозинството гласаше против напуштањето на Европската Унија.
Ваквиот заблуден нагон ќе го претвори столчето на Британија, создадено од Винстон Черчил, во Советот за Безбедност на О.Н. во гнило гратче (англиски термин за изборни единици кои и понатаму постојат и покрај малубројната популација). Големите сили никогаш нема да дозволат оваа мала Англија да има право на вето наспроти нивните желби.
Зошто Англија го избра ова? Клучот не е во суверенитетот туку во отфрлање на етничките промени," пишува британскиот новинар во колумната за Тајмс.
Сржта на успехот на брегзит е што средна Англија не го третира ова како референдумот за членство во ЕУ, туку како плебисцит на една единствена тема: "имиграција". За нив "имигранти" е синоним за небели Британци, "идентитетот, а не мерки за штедење, го мотивираше нивното гласање за напуштање" на Унијата.
Џуда потсетува дека за време на крунисувањето во 1953, Елизабета Втора исто така станува монарх на Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Африка, Пакистан и Цејлон (денес Шри Ланка). Небелата популација на Британија тогаш сигурно била под 20.000. Над 70% од работната сила во Британија биле мануелни работници.
Историски, токму за време на владеењето на Елизабета Втора почнува да се случува етничка трансформација на Британија. Во 1931 кога кралицата е 5-годишно дете, само 1,75% од популацијата на Британија е родена во странство. Во 2011-та, кога таа има 85 години, бројката изнесува 20% од популацијата. Кога кралицата годинава го прослави 90-от роденден, над 12% од популацијата беа небели. Во 1971, 86% од жителите на Лондон се бели Британци, 40 години подоцна, ова е сведено на помалку од половина. Урбани области каде популацијата на бели Британци е под 60% денес вклучува и големи градови како Лестер, Лутон и Бирмингем. Процената е дека со ваквата прогресија до 2050 околу 30% од Британците ќе бидат небели.
"На моите патувања често размислувам за писателот Балард. Тој вели, Англичаните се интересен збир на луѓе, тие зборуваат како да ја добиле војната ама се однесуваат како да ја изгубиле.
Тој пишува, предградијата сонуваат за насилство. Под површината, тој виде гневно, изгубено општество во кое вековните столбови на британството - империјата, црквата, морнарицата, класата - се распаѓаат. Ова распаѓање продолжи во Британија уште долго откако престана да се случува во светот.
И сега сонувачите, несвесни, обземени од носталгија, ја разрушија и последната, изветвена трага од Велика Британија. Ова повеќе не е Англијата на англиската кралица," го завршува Џуда текстот во Тајмс.