Дел од клубот Атлантик е преименуван во продавница во која муштериите слободно можат да ја тестираат понудената опрема а дел бараат да им биде признаена како црква.
Тоа се случува во атмосфера во која во Варшава и други градови, стотици луѓе протестираат против последните рестрикции по кои треба да затворат теретаните, спортските клубови и базените а отворени остануваат црквите и пабовите.
Тамошниот министер за здравство ги осуди луѓето кои се расположени да се надмудруваат со прописите, со стандардното фрлање на грижа на совест дека таквите не ги ризикуваат само своите туку и животите на оние од ризичните групи (се разбира, без да каже како тоа истото не важи и за оние кои носат нелогични прописи).
„Бидејќи теретаните не можат да функционираат, од денеска отвораме Атлантик шоп со опрема за вежбање која може да се користи за извесна надокнада. А бидејќи и фитнес курсевите не можат да функционираат, од денеска тоа ќе бидат религиозни собири на „Црквата на здравото тело“, објавија луѓето од теретаната.
Се разбира, ова е повеќе бунт отколку сериозна намера бидејќи во Полска не успеа да се регистрира ни глобално фамозната „Црква на летечкиот шпагети монструм“ која е дозволена во американската армија.