Пентагон има единица за бранење на американските генерали од Твитер тролови

Единицата која стандардно е задолжена за заштита на највисоките американски офицери од убиство, киднапирање или повреда, изминативе години почна да работи и на откривање и следење на „негативно расположение“ на Твитер кон генералите на американската војска.

Алатката со која располага ПСБ (Protective Services Battalion) има директен пристап до твитови и Твитер корисници без ограничувања, можност за анализа на 4чан, Редит, Јутјуб и рускиот Вконтакте, плус опција за следење на разговорите на платформи како Дискорд и Телеграм.

За разлика од алатките што ги користи американската полиција и војска за следење на клучни зборови на најразлични социјални мрежи и чет-соби, алатката на ПСБ ги комбинира податоците од социјалните мрежи со изобилието на јавно и не јавно достапни информации, кои потоа можат да се пребаруваат.

Изворите на информации вклучуваат „дискусии полни со сигнали од заедници на незаконски актери/закани и пристап до сите разговори во рамките на каналите на овие заедници“, јавни истражувања, снимки од надзорни камери, радиостаници, новински медиуми, персонални досиеја, хакнати информации, веб камери и податоци за локација на мобилен уред.

Во барањето што армијата го има поднесено за оваа алатка се наведува дека не се бара само систем за следење, туку и алатка која ќе го маскира интернет присуството на армијата додека таа го мониторира интернетот.

Дел од податоците, пример локацијата, Армијата ја купува на истиот пазар на кој маркетинг агенции и софтверските компании ги купуваат и продаваат податоците собрани од мобилните телефони преку најразлични апликации.

Проблемот со сето ова е што иако е прифатливо тоа дека постојат законски причини зошто нечие однесување на социјалните мрежи би се следело, истото не важи и за тоа дали некој на Твитер не бил наклонет кон американски генерал.

„Изразувањето на 'позитивно или негативно расположение кон висока високоризична личност' не може да биде доволна основа за владини агенции да можат да спроведуваат операции за следење, па дури да ја откриваат и точната локација на некој поединец.

Можноста да се изразуваат мислења, да се критикува, да се прават претпоставки и да се носат вредносни процени - посебно за државни функционери - е клучен дел од демократско општество,“ објаснува директорката за програма на Прајваси интернешнл, Илиа Сиатитса.

20 јуни 2023 - 11:29