Кинеската престолнина лани за прв пат ги исполни државните стандарди за квалитет на воздухот, како резултат на сериозни проекти за намалување на потрошувачката на јаглен, намалување на емисиите од транспортот и преместување на тешката индустрија.
Државата објави војна на загадувањето во 2014 година, по серија ужасни количини смог во Пекинг и други градови кои предизвикаа масовен гнев во јавноста.
Во Пекинг, во текот на 2021 година, просечните отчитувања на PM 2,5 изнесувале 33 микрограми на кубен метар, што е намалување за 13% во споредба со претходната година и значи исполнување на привремениот стандард на Кина од 35 микрограми. Тоа сепак е многу повисоко од препорачаното ниво на Светската здравствена организација од 5 микрограми на кубен метар.
Во тамошното биро за заштита на животната средина велат дека постигнатиот напредок е без преседан: описно, лани луѓето од Пекинг цели 4 месеци повеќе можеле да го видат небото отколку во 2013 година.
Пекинг во зимски месеци знаеше да се приближи и до смртоносни 500 микрограми, заради доминантноста на јагленот во системот за греење.
Во меѓувреме, Пекинг и провинцијата Хебеј почнаа да се префрлаат на природен гас, а засадија и огромен број дрвја низ целиот регион. Беа наметнати строги стандарди за гориво во автомобилите а челичарниците и другите валкани капацитети беа принудени да инсталираат опрема за контрола на емисиите.