Пандемијата им го удвои богатството на 10-те најбогати во светот

Не е тешко да се подбиваш со оние кои во пандемијата гледаат некаков план или заговор. Тешко е кога ќе дознаеш дека таа пандемија не била баш маќеа за сите и дека таа е глобален проблем за милијарди луѓе, но и бинго за шака одвратно богати персони. 

10-те најбогати луѓе во светот го удвоија своето богатство за време на пандемијата на ковид, од 700 милијарди долари на 1,5 трилиони долари, покажува извештајот на Оксфам.

Во меѓувреме, 99 отсто од глобалното население забележало намалување на нивните приходи за време на пандемијата, додека 160 милиони биле турнати во сиромаштија.

„Ако овие десет луѓе утре загубат 99,999 отсто од своето богатство, тие и натаму ќе бидат побогати од 99 отсто од сите луѓе на оваа планета“, сликовите објаснува извршната директорка на Оксфам, Габриела Бухер.

Тие сега имаат шест пати повеќе богатство од најсиромашните 3,1 милијарди луѓе.

Милијардерите како целина додале 5 трилиони долари на своите богатства за време на пандемијата. Нивното вкупно богатство се зголемило од 8,6 трилиони долари во март 2020 година на 13,8 трилиони долари во ноември 2021 година, што е најголем пораст во последните 14 години.

Во меѓувреме, нееднаквоста придонесува за смрт на најмалку 21.000 луѓе секој ден, проценува Оксфам, бројка која се заснова на смртните случаи на глобално ниво заради немање пристап до здравствена заштита, родово заснованото насилство, гладта и климатските пореметувања.

Оксфам пресметал дека доколку на овие топ 10, пандемиските профити би им се оданочиле со драконски 99%, би се собрале доволно пари за вакцини за цел свет, би се средиле многу социјални услуги во над 80 земји, а тие и натаму би имале 8 милијарди долари повеќе отколку пред пандемијата.

18 јануари 2022 - 14:31