На 17 јуни сојузната држава Рио де Жанерио прогласи финансиски крах на организацијата, и објави дека нема да може да ги испочитува своите обврски кон Олимпијадата и Параолимпијадата. Во изјавата гувернерот порача дека кризата ќе доведе "до тотален колапс на јавната безбедност, здравството, образованието, превозот и менаџментот на животната средина." По оваа основа властите сега имаат дозвола да го ограничат пристапот до клучни јавни услуги, а државата се квалификува да добие итни фондови од федералните власти, кои обично се достапни во случај на природна катастрофа како поплава и земјотрес.
"Скоро бев во Рио да идам како одат подготовките за Игрите. Спојлер: не одат добро. Градот е огромно градилиште. Насекаде има натрупано цигли и цевки; неколку работници мрзеливо ги туркаат количките за носење како Олимпијадата е закажана за 2017. Никој не знае што ќе има на градилиштата, па дури ни луѓето кои работат на нив: едногласниот одговор беше 'за Олимпијадата е' по што следуваат шпекулации од типот 'шатори за судии за одбојка или фудбал,'" пишува Барбара притоа објаснувајќи дека кога од прес канцеларијата на Рио 2016 побарала тура низ Рио, била "олимписки игнорирана."
Нејзиниот впечаток е дека иако работата напредува, таа не е ни блиску до "97% завршена" како што тврди организаторот, а проектите кои се завршени "не влеваат многу доверба."
"Работата на арената на одбојка за плажа заглави бидејќи организаторот не успеа да ги добие соодветните лиценци за животна средина. Потоа структурата беше оштетена од брановите. Работниците издигнаа 180 сантиметри висока бариера за да се заштити локацијата," објаснува новинарката.
Во текстот таа ги пренесува статистиките за безбедноста во Рио, како тоа дека годинава во сојузната држава се убиени 43 полицајци, и дека барем 238 цивили се убиени од полицијата а дека 76 луѓе се повредени од заскитани куршуми. Како контра мерка државата за време на Олимпијадата ќе распореди 85.000 војници и полицајци во Рио. Два пати повеќе од тоа што беше ангажирано за Лондон 2012.
Авторката идентификува неколку причини заради кои "сè се упропастило." Прво, проблем се пари, дел се проневерени од изведувачите и тие што ги делат, дел од проектите се со погрешни финансиски проценки па се повеќекратно поскапи од предвиденото, дел од вината отпаѓа на економската криза што ја зафати земјата.
По проблемите со пари, следуваат политичките проблеми и сето незадоволство, протести и последователниот импичмент на бразилската претседателка Дилма Русеф. Политичката нестабилност само дополнително ја парализира земјата, и општо спроведувањето на секој предвиден проект околу ЛОИ 2016.
Трет на списокот е неодамна појавениот зика вирус кој освен проблемите што ги создаде околу туристите и откажувањето на дел од спортистите, предизвика огромен притисок на тамошниот здравствен систем.
"Секако ова не е прв пат земја домаќин на Олимпијада да изгледа катастрофално. Зимската Олимпијада 2014 во Сочи, беше преплавена од извештаи за лоша водоинсталација во сомнително изградените хотели. Стравот од свински грип ги следеше игрите во Ванкувер во 2010. Грција едвај ја заврши изградбата пред церемонијата за отворање во 2004.
Можеби, како што некогаш се случува во Бразил, се ќе мине во најдобар ред и Олимпијадата ќе биде успех. Игрите ќе означат крај на 10 години одржување мега настани во Рио, кои започнаа со Пан-американските игри во 2007, по кои следуваа Воените светски игри во 2011, ФИФА Купот на конфедерации во 2013 и Мундијалот во 2014. Неверојатно, сите завршија без некоја посебна катастрофа.
Сите овие проекти беа одбележани од една заедничка работа: обичните граѓани беа исклучени од процесот на носење одлуки. Владите ги искористија претстојните игри за забрзување на одредени проекти - од кои не сите се приоритет на јавноста. Во 2012 градоначалникот во едно ТВ интервју на шега изјави: 'Олимпијадата е одлично оправдување. Треба да го искористам како изговор за сè. Сега се што треба да направам, ќе го направам за Олимпијадата,'" порачува новинарката во текстот околу ЛОИ 2016.