Новата културна војна се бие во школските вецеа

Скот Смит е татко на 15 годишно девојче кое било сексуално нападнато во школско веце од машко кое носело сукња. Откако реши да биде гласен и да ја брани својата ќерка, беше распнат од твитер легионерите на кои им е побитно да буткаат про-трансџендер агенда отколку да се секираат за некаква безбедност на учениците. 

Во јуни годинава, Смит, инаку водоводџија, отишол на состанок на школски одбор во Лоудаун каунти, едно од поимотните предградија на Вашингтон, област позната по прогресивни политички погледи. Тема бил предлогот на бордот учениците да можат да користат вецеа и за машки и за женски, според самодекларираниот родов идентитет. Како реакција на приговорите на родителите, школскиот директор Скот Зиглер тврдел дека „Немаме никаков податок случај на напад во школско веце. Трансџендер предатори меѓу учениците - нема.“

Смит дошол на состанокот за да го сподели својот гнев заради нападот на неговата ќерка, кој се случил само неколку недела пред тоа. Активисти присутни на состанокот веднаш го нападнале, му викале дека не им се верува дека се случило тоа, ситуацијата се вжештила, му викнале полиција, го уапсиле. Слики и видеа од жестокото апсење се рашири на мрежите, напредните твитерџии ентузијастички му удрија фет-шејминг, односно го ругаа водоводџијата дека е дебел.

Обвинителката Бута Бибераџ побарала и притвор за него. Таа била позната по нејзините разбудени политики и поддршка за „деинституционализација“ (читај пуштање од затвор) на криминалците, ама сепак, за татково ѝ било битно да го стави зад решетки. Нејзиното барање не поминало на судот.

Три месеци подоцна, националната асоцијација на училишни бордови, работејќи со луѓе од Белата куќа изготвиле писмо до претседателот Бајден во кое бараат членовите на бордовите да бидат посебно заштитени од агресивни родители опишувајќи го нивното однесување како домашен тероризам, Кој пример го навеле за тоа? Инцидентот со таткото во Лоудаун каунти.

„За сето ова време, за Смит, чија ќерка била жртва на гаден сексуален напад, елитите покажаа нула емпатија. Наместо тоа беше исмеван од транс-активисти, замолчуван од школски одбор, апсен од полиција и користен како силажа за проектите на Белата куќа и департментот за правда“, пишува њујоршкиот новинар Шон Колинс.

Но, вистината е како веце. Држи ја затворена, и кај и да е, ќе замириса.

Тинејџерот кој ја нападнал ќерката на Смит не само што бил обвинет за тој напад туку и правосилно прогласен за виновен. 

Згора на тоа, во меѓувреме излегоа докази дека наведениот директор знаел за нападот кога на родителите им тврдел дека се нема случено некој да биде нападнат во нивно веце. Знаел за нападот веќе истиот ден кога се случило тоа, во мај, и за тоа веднаш го известил школскиот одбор.

Згора на сè, младиот предатор во сукња во меѓувреме бил префрлен во училиште во друг округ, каде што нападнал друго девојче па и за тоа му се подигнати обвиненија.

Накратко, и директорот и одборот знаеле за нападот па сепак, на јавниот состанок се правеле дека ништо не знаат и сето ова време не ни зуцнале додека Смит беше валкан по калта на социјалните мрежи.

Зошто?

Затоа што членови на школскиот одбор не можат да дозволат нешто да застане на патот на нивната трансџендер политика. Тие се бре на морална мисија, и на едно случајче на сексуален напад во школско веце не може да му се дозволи да биде пречка.  Еден водоводџија и неговата ќерка се потрошен материјал кој може да се жртвува на олтарот на разбуденоста,“ пишува Колинс.

 

31 октомври 2021 - 09:52