Последен пат кога бучниот дел од американската ЛГБТКЈУ+ (ако добро ги наброивме сите букви во кратенката кои постојат во моментов) се ужaсна од Пит Бутиџеџ беше неговата неодaмнешна средба организирана од CNN со млади, отворено геј луѓе во Јужна Каролина.
Кога им рекол:
„Јас се борев со тоа“ - со неговата сексуална определба - „во моите 20-ти години. Да постоеше апче кое, кога би го испил, веќе не би бил геј, ќе го испиев“. За по кратка пауза полна со исчекувачка тишина, да додаде „Фала му на бога што тоа не се случи, бидејќи така немаше да имам прекрасен брак каков што имам со Частин,“ а камерата на CNN се префрлила на неговиот сопруг во публиката кој реагирал со една скромна - ми годи кажаното ем сум полн со емпатија - насмевка.
Ете проблем. Моментот кој требало да покаже една лична димензија станува предмет на потсмев и отворено хејтање од квир заедницата која оваа интимна реминисценција на Бутиџеџ ја толкува како симптом дека нему уште му е непријатно што е геј. И дека потајно сака да биде стрејт. И дека порачува дека можеби со апче би се средувал тој проблем. И што уште не....
Целата канонада против него ја предводат твитер јуришници под хаштагот #PetesNotGay во кој му се вадат секакви мани, меѓу другото и зошто се љубел со Частин со затворена уста.
На Бутиџеџ ова не му е ново. На Онион го реметеа дека еден (замислен) ден ќе обелодени дека има жена и деца и дека ја осудува својата сексуалност а во Њујоркер, Маша Гесен напиша дека Бутиџеџ е „стрејт политичар во машко геј тело“.
Докази дека недоволно бранува со својата сексуалност му најдоа и во мемоарите „Најкраткиот пат до дома“ каде му земараат што повеќе време посветил на своите денови како политичар отколку на своите ноќи кога се борел со своите пориви и потреба за автентичност.
Инаку, ЛГБТ гласачите се помлади и полиберални од остатокот Демократи и генерално се наклонети полево од Бутиџеџ па затоа се толку гласни негодувањата околу неговите центристички или умерени пораки.
Настрана темата за сексуалноста, Пит Бутиџеџ е дечко со импресивен потенцијал и биографија: концертен пијанист, постдипломец и стипендист на престижниот Родс на Оксфорд, консултант во моќната консалтинг корпорација Мекензи, офицерски чин во морнарица, теренска работа во Кабул, градоначалник на Саутбенд, Индијана.... Сето тоа за помалку од 30 години живот.
Она што најчесто му се забележува за неговите настапи (надвор од ЛГБТ круговите) е што остава впечаток на лaден, премногу навежбан и пресметан говорник. Знае да биде кринџ, со имитирање на некои движења на Обама, со гестови и тикови за кои човек може да се клади дека му се вежбани.
Но, се чини дека главните лекции од неговата приказна сепак треба да ги извлечат хистеричните критичари меѓу неговите „соборци.“ Дека геј може да биде и некој досаден, дека геј може да биде и некој што го слуша Дејв Метјус, дека не мора баш сите да бидат исти и да мафтаат со својата сексуалност како барјак.