Демографите проектираат дека ЕУ ќе го достигне својот врв од 453,3 милиони жители во 2029 година, по што ќе паѓа до 445 милиони до 2050 година и под 400 милиони до крајот на овој век. Тоа би било за 11,7% помалку од сега и приближно на нивото од 1970-тите години.
Во изминатите 14 година има повеќе починати лица отколку новородени, но населението на блокот продолжи да се зголемува поради миграцијата.
Демографските промени не се апстрактен концепт, туку реална трансформација што влијае на секој регион, пристапот до услуги, можноста за движење или правото на престој, се предупредува во извештајот.

Демографската транзиција во Европа ќе создаде предизвици за вработувањето, здравството, пензиите и јавната потрошувачка.
Како утеха е наведено дека економијата на долговечноста ќе отвори нови пазари за производи, услуги и иновации прилагодени за постарите граѓани, што потенцијално може да поттикне раст и отворање работни места во здравството, технологијата и финансиските услуги.
Демографското стареење ќе ги погоди сите земји од ЕУ, но ќе се одрази многу посилно во новите источни членки блокот. Земји како Бугарија, Романија, Летонија и Литванија доживеаја еден од најбрзите падови на населението во Европа, бидејќи имаат ниски стапки на наталитет, а и голем број млади луѓе се преселија на запад во потрага по подобри економски можности. Спротивно на тоа, неколку западни и северни европски земји беа во подобра позиција да го компензираат стареењето преку повисоки нивоа на имиграција и помлади структури на населението.

Освен во балтичките земји, се проценуваат големи загуби на жители во источните региони на Германија и Полска, Бугарија, Романија, Грција, јужна Италија и делови од Шпанија и Португалија. Се очекува речиси 837 од вкупно 1.165 региони да изгубат население помеѓу 2025 и 2050 година, што ќе влијае на областите каде што живеат околу 258 милиони луѓе, или 57% од населението на ЕУ.
Растот ќе биде концентриран во големите градови и економски динамичните региони - во делови од Ирска, јужна Шведска, јужна Германија и крајбрежните региони на Франција и Шпанија.

Заминувањето на младите од регионите и земјите што се соочуваат со демографски предизвици го поткопува нивниот економски капацитет и ризикува да покрене самозасилувачки циклус на економски и демографски пад. Тоа води до несоодветно обезбедување услуги, што пак резултира со понатамошна миграција и губење население, се вели во извештајот.
Европа се соочува со длабока промена во својата старосна структура. Очекуваниот животен век при раѓање достигна 81,5 години во 2024 година, што одразува подобрувања во здравствената заштита, животниот стандард и социјалните услови. До 2050 година, речиси секој трет жител на ЕУ ќе биде на возраст од 65 години или постари, во споредба со секој петти денес. Се очекува бројот на луѓе на возраст над 80 години, исто така, значително да се зголеми, што ќе го зголеми притисокот за здравствена заштита и долгорочна нега. Бројот на луѓе на кои им е потребна поддршка ќе се зголеми од 36 милиони денес на 48 милиони до 2070 година.

Во исто време, населението на работоспособна возраст во Европа се намалува, создавајќи притисок врз јавните буџети. Околу 20% од луѓето на работоспособна возраст моментално се надвор од пазарот на трудот, додека околу 8 милиони млади луѓе не се во образование, вработување или обука.
Зголемувањето на учеството на пазарот на трудот, подобрувањето на вештините и привлекувањето квалификувани мигранти ќе бидат од суштинско значење за одржување на економскиот раст. Се нагласува потребата од зголемување на вработеноста на жените, поддршка на постарите работници кои сакаат да останат економски активни и инвестирање во образование и преквалификација.
Факторите што ги задвижуваат демографските промени се сложени и повеќеслојни и бараат комбинација од мерки во политиката и управувањето, истакнува еврокомесарката одговорна за демографијата, Дубравка Шуица.
Таа додава дека ЕУ во 2023 година усвои „алатки за демографија“, кои на владите им овозможуваат да развијат политиката за да одговорат на предизвиците со стареењето и намалувањето на населението. Други иницијативи се фокусираат на достапно домување, доживотно учење, системи за грижа и поддршка за руралните региони.