Наркокартелите вадат повеќе пари од злато отколку од кокаин

Како што цената на златото изминатава декада е во постојан раст, а они веќе имаат на располагање работна сила, пари и вработени што радо ракуваат со оружје, наркокартелите се одлучија да се пробаат во бизнисот со нелегално ископување злато.

Бројките покажуваат дека одлично им оди, па во Перу и Колумбија тие заработуваат повеќе пари од златото отколку од кокаинот. 80% од златото ископано во Колумбија и до 90% од златото ископано во Венецуела се произведува нелегално.

Ова нелегално не значи дека во некој регуларен рудник наркокартелите вовеле трета смена, па работат за своја сметка, туку најчесто тие наоѓаат локација низ тамошните џунгли, носат работници и ги оставаат да копаат (многу слично на камповите во кои произведуваа кокаин).

Ваквата пракса значи дека се работи во крајно небезбедни услови, и дека генерално не се гледа кој сè работи, а има извештаи дека во околина на рудниците најчесто има бордели во кои работат жени, но и девојчиња на возраст од 12 години.

Нечовечките услови се надополнуваат со најразличните недозволени методи кои се користат во вадењето злато, како употребата на жива, која помага во одделување на златото, која потоа се исфрла во околните води и почвата. Во извештајот за Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, се наведени и случаи во кои рударите со голи нозе мешале песок и жива.

Меѓу заклучоците на извештајот е дека локалните власти се "претежно беспомошни" во справување со нелегалното ископување злато, и дека купувачите треба да припазат "да купуваат злато од сертифицирани легални извори."

15 јуни 2016 - 10:28